(ВИДЕО) СВР Куманово со апел за чиста животна средина

Фрлањето на комунален отпад на места каде што не е дозволено со што директно се загадува животната средина е појава која е покарактеристична во летниот период. Освен тоа што негативно се одразува врз здравјето на граѓаните, се уништува и урбаната опрема поставена за разубавување на градот и рекреирање на кумановци. „Во контекст на ова, СВР Куманово постојано превзема превентивни активности за јакнење на свеста на граѓаните за здрава животна средина , а оние што не постапуваат согласно законот се санкционирани“, информира Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово.

-СВР Куманово стои на располагање за зајакнување на соработката со надлежните служби по примерот на бројни заеднички акции и активности во изминатите години, се со цел создавање побезбедни и чисти средини за граѓаните и поефикасно справување со прекршителите. СВР Куманово упатува апел до граѓаните да се однесуваат совесно, со цел да ја заштитиме животната средина, особено да не се загадува речното корито и да не се врши палење на комунален отпад и на сува трева кои го загрозуваат здравјето и го загадуваат воздухот, но може да предизвикаат и посериозни последици, изјави Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово

Согласно законските одредби пропишано е каде и како се складира комуналниот отпад и градежниот шут. Заради се почестите забелешки за учеството во сообраќај на мотокултиваторите, кои го транспортираат отпадот, СВР Куманово ги информира граѓаните и возачите на таквите превозни средства дека лице кое што управува со мотокултиватор ќе биде санкционирано доколку не поседува важечка возачка дозвола почнувајќи од најмалата АМ категорија, а за да добие таква возачка дозвола треба да има наполнето 16 години и да го положи возачкиот испит.

Инаку, познато е дека на повеќе локации во градот се паркираат мотокултиватори и веројатно така ќе остане се додека не се определи локација од надлежните служби за паркирање на овие возила за услуги. Секторот за внатрешни работи Куманово очекува дека во скоро време ќе се обезбеди простор каде што ваквите превозни средства ќе можат да бидат стационирани што ќе придонесе за целосен увид и контрола дека тие правилно го одлагаат отпадот на местото кое што е определено за таква намена.

Граѓаните кои што го вршат транспортот на отпадот со мотокултиватори, сакаат да си останат на истите локации како и досега, но имаат забелешки во однос на цената што ја плаќаат за депонирање на отпадот и шутот на депонијата Краста. Бараат од надлежните двојно намалување на цената за тон отпад.

СВР Куманово потсетува дека мотокултиваторот се регистрира еднаш, но доколку има промена во сопственоста или адресата на живеење потребно е повторно да се регистрира. Во случај мотокултиваторот да не е регистриран, тогаш се одзема од сопственикот. Исто така, возачот во моментот на управување треба да поседува важечка полиса на осигурување. За сите неправилности се превземаат мерки согласно законските одредби како и за другите учесници во сообраќајот, информираат од СВР Куманово.

Коментари

коментар(и)