ВИДЕО: „Секс и лаги“, „Самоуки“, концерт неделава во Центарот за култура

Претставата „Секс и лаги“ на Театар Куманово, добитник на наградата за најдобра претстава на минатогодишниот фестивал „Денови на комедијата“, повторно ќе биде изведена пред кумановската публика, утревечер во 20 часот на сцената на Центарот за култура. Претставата работена според текст на Марк Камолети претставува спој помеѓу интригата, љубовта, страста и моралот, вистината и лагата, сведоштво за начинот на кој се третирани љубовните и семејните релации помеѓу еден маж и една жена.

Во неа конфликтот на интереси произнесува чувства, реакции и односи кои ги прават ситуациите комични.

Во претставата играат Марко Трајковиќ, Сања Русеска, Анастасија Величковиќ, Жарко Јовановиќ, Нина Максимова, Александра Михајловска и Никица Јанковски. Драматург е Симона Тоскиќ, сценографијата на Крсто Богојевски, а костимите се на Драгана Таневска.

Оваа претстава е само една од активностите што ќе се реализираат неделава во Центарот за култура.

В четврток, ќе биде отворена изложбата „Самоуки“ која е дел од Годишната програма на Центарот за култура, информира Сашо Тодоровски, директор на НУЦК „Трајко Прокопиев“.

-Оваа година има над триесетина пријавени самоуки креативни уметници од Куманово и оваа изложба како и секоја година предизвикува огромно внимание кај кумановци и навистина сме презадоволни. Отворањето е во четврток, во 20 часот. Ги покануваме сите кумановци да дојдат во фоаје на Центарот за култура. Оваа изложба се организира скоро триесетина години и навистина сме задоволни што секоја година интересот е се поголем и поголем. За изложбата имаме поддршка од министерството за култура. Очекуваме идната година да имаме и поголема поддршка со цел да можеме и таа изложба да ја прошетаме низ градовите. Изминативе неколку години ние со таа изложба бевме во повеќе градови бидејќи се јавуваат и други директори, кога ќе ја видат изложбата- велат донесете ги самоуките кај нас, во Битола, во Штип така што сигурни сме дека оваа изложба има иднина во Куманово и навистина има голем интерес и кај самоуките уметници и кај публиката. Ова е единствена изложба од ваков тип во Куманово и навистина сме горди што ја имаме оваа изложба во Куманово, изјави Тодоровски.

Претходно сите неакадемски уметници од општина Куманово имаа можност да земат учество на оваа изложба конкурирајќи со три дела по сопствен избор. Темата, како и техниката беа слободни.

И в петок, Центарот за култура ќе биде исполнет со публика.

-За во петок најавуваме концерт на млад пијанист Горјан Стефановски, во фоајето на Центарот за култура во 19 часот, концерт на пијано, а во исто време Театар Куманово тој ден гостува во Кочани со претставата „Секс и лаги“, рече Тодоровски.

Истиот ден ќе биде организирана и детска ликовна работилница на слободна тема. Учесници ќе бидат ученици од прво до петто одделение, а работилницата е поддржана од Министерството за култура.

 

 

Коментари

коментар(и)