ВИДЕО: Се уште не е стабилна состојбата со ковид 19 во Куманово

За разлика од останатите градови, Куманово се уште не бележи пад на новозаболени и хоспитализирани пациенти. Во кумановската болница, на двата оддели, инфективно и модуларната, се хоспитализирани речиси сто пациенти позитивни на ковид 19. Наплив има и од соседните општини, претежно Кратово и Крива Паланка. Дневната болница ја постуваат 40 пациенти, а амбулантски прегледи само вчера имало 118. Доминираат пациенти од 55 до 65 години, но во овој бран се повеќе има и млади, информираат здравствените работници.

-Поголемиот дел се невакцинирани и токму оние со најтешка клиничка слика и починатите не беа невакцинирани, на кислородна поддршка денес имаме 39 пациенти, тука е бројката, имавме минатата, предминатата недела дури 65 до 68 на кислородна поддршка, сега е помала бројката. Јас искрено се надевам барем дека ќе доаѓаат луѓе со малку поблага клиничка слика, инаку грото се невакцинирани, некои од нив чекале да развијат потешки симптоми па се јавиле на преглед, некои биле третирани во домашни услови но заради влошување на состојбата се донесени тука-нагласи директорката на кумановската болница, Снежана Захариева.

Засега болницата располага со доволен број места, но и персонал иако ќе се јави проблем со усогласување на смените.

-Ќе мораме да ги задржиме младите лекари кои треба да почнат на специјализација, прилично голема бројка 15. Дел од нив работат во ургентниот центар, дел се ангажирани во модуларната болница но ќе побараме една дозвола од Министерството и деканатот малку да се пролонгира тој рок додека да помине овој бран. Не смееме да ги оставиме пациентите незгрижени, а исто така и во самиот договор за работа си пишува дека заради итни и неодложни потреби може да бидат ангажирани додека има потреба од нив-дополни таа.

Ако во првиот и вториот бран како најкарактеристични симптоми беа губиток на чувство за мирис и вкус, кашлица, во овој бран е сосема поинаку. Здравствените работници објаснуваат дека не може да се издвои карактеристичен симптом, вообичаено почнува со фебрилност, но има и афебрилни случаи со поткашлување, затнат нос. Инаку благодарение на донации од општествено одговорни компании и здруженија, општата болница неделава доби возило и 50 нови кревети.

Коментари

коментар(и)