(ВИДЕО) Советниците ја изгласаа одлуката за поскап такси превоз

Изгласана е одлуката за поскап такси превоз во Куманово. Советниците дадоа поддршка на барањата на такси превозницити, иако тие самоиницијативно, и противзаконски веќе три седмици применуваат нови цени. Советниците од СДСМ гласаа воздржано затоа што истакнаа дека не добиле одговор дали инспекторатот излегол на терен и што констатирал, а нагласија дека граѓаните повторно ја трпат најголемата штета, бидејќи нема јавен градски превоз.

Советниците при Советот на Општина Куманово денеска ја изгласаа одлуката за поскапување на цените на такси превозот, иако такси превозниците веќе трета седмица самоиницијативно наплаќаат поскапа услуга. Поради рекорно високите цени на бензините, услугата е поскапа за 20 денари. Досега беше по 60 денари за возење до 2 километри, а сега чини 80 денари, и за секој нареден километар по 40 денари. Од советничката група „За наше Куманово“ дадоа поддршка за оваа точка нагласувајќи дека секое постапување е непопуларна мерка, но потенцираа дека мора да им се излезе во пресрет на такси превозниците, бидејќи горивата се со највисока цена досега.

-Такси компаниите се сретнаа и со друг проблем со покачување на минималната плата и тие имаат зголемени трошоци, и на годишно ниво ако додадеме технички, вонреден преглед, осигурување на патници, сервиси, баждарење на противпожарен апарат, лекарски уверенија, лиценци и слично значи дека навистина се во незавидна состојба и не можат да ги покријат своите побарувања, со цената која што ја имаат. Ако не го прифатиме ова покачување ќе придонесеме да се зголеми бројот на диви таксисти, ќе возат на диво, ние само наместо да решиме ќе ја поттикнеме сивата економија, ќе изгубиме лиценцирани компаании кои плаќаат давачки-истакна координарот на советничката група „За наше Куманово“, Дарко Митевски.

Координаторот на советничката група на СДСМ, Александар Јовановски истакна дека во најголем дел се согласува со говорот на новиот колега, но праша зошто Советот досега не реагирал и не ја покачил цената, и што направил инспекторатот, бидејќи покачувањето е направено спротивно на законот.

-Имаме состојба полузакон ги качуваат цените, а нема никаква одлука, дали инспекторот излегол на терен, дали е направен записник, што е преземено во тој дел. Општината ги баждари наплаќа дали воопшто овие три недели колку беа вклучени таксиметрите дали инспекторатот излегол на терен. Дали воопшто постоела комуникација, дали имаат здружение, колку се немаме никаква информација, а сме ставени пред свршен чин да гласаме, за жал е логично, такси компаниите се едни од најпогодените од оваа криза и поскапување. Ние нема да го поддржиме овој предлог да гласаме за нешто што веќе се спроведува во пракса, граѓаните повторно ја трпат најголемата штета, немаме јавен превоз а сега поскапувањето на такси превозот стана вистински луксуз. Како советничка група ќе гласаме воздржано-истакна тој.

Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска одговори дека имало допис од такси превозниците, но немало доволно време за да се реагира.

-Ги има примено раководителот на секторот, не сакале воопшто да слушаат дека тоа е незаконски поскапување, затоа што народски кажано „дошол нож до коска“ и кај нив во прашање се многу семејства. Јас мислам дека не е исправно покачувањето, иснстутуциите сигурно реагаирале на терен, но ја поддржувам одлуката и мислам дека е во ред да се покачи кога се е поскапо-посочи таа.

Цената на услугите на такси превозот во Куманово последен пат беше променета во 2018-та година.

 

Коментари

коментар(и)