Полицијата во Куманово работи на случајот за откривање на евентуалниот сопственик на кучето кое нападна осум лица, соопшти денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на новинарско прашање.
Тој порача дека надлежните органи, пред сè локалната самоуправа, треба да преземат опсежни мерки за решавање на проблемот со бездомните кучиња.
За потсетување, куче од расата „азијат“ тешко над 70 килограми, пред две недели, во централното градско подрачје нападна и повреди осум лица, од кои четири беа деца. Откако беше заловено од службата на ветеринарно- сточарскиот центар „Тодор Велков“ анализите покажаа дека не се работи за бездомно куче, туку дека најверојатно расното куче има сопственик, иако не е микрочипирано, односно не е внесено во системот.
Осумте повредени лица побараа помош во болницата и го пријавија случајот во полицијата.
Од друга страна пак, Секторот за инспекциски надзор при општина Куманово покрена иницијатива за пронаоѓање на сопственикот на кучето до СВР Куманово.