ВИДЕО: Стотина невработени аплицирале за отворање сопствен бизнис

Агенцијата за вработување ги објави јавните повици од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2023 година. Една од најпривлечните за невработените во изминатите години е мерката Самовработување со грант, преку која има можност да се добие неповратна помош за свој бизнис.

„До овој момент, 110 невработени лица аплицирале самостојно да започнат бизнис,  додека 86 лица изразиле интерес да учествуваат во повикот каде што се доделува грант од 615.000 денари односно да се здружат две лица со иста бизнис идеја“, информира раководителката на Центарот за вработување во Куманово, Марија Димитријевска.

Целна група на проектот се невработени млади лица до 29 години, невработени лица со попреченост, невработени лица – мажи до 60 години и жени до 58 години, жени-жртви на родово базирано насилство и жртви на семејно насилство, невработени лица кои сакаат да го формализираат својот бизнис-мажи до 60 години и жени до 58 години, невработени лица Роми – мажи до 60 години и жени до 58 години, невработени лица поради корона вирус-мажи до 60 години и жени до 58 години и невработени лица повратници (повратниците од странство припадници од Ромската заедница и други лица во ризик од социјално и економско исклучување кои влегуваат во потенцијални повратници во иднина во општините Шуто Оризари, Штип и Прилеп).

Лицата кои што ќе бидат селектирани за понатамошно учество изработуваат бизнис план со советодавна менторска поддршка која што се обезбедува од страна на Агенцијата за претприемништво, соопшти раководителката.  Понатаму се оди на селекција на бизнис планот, односно од страна на комисијата која што е формирана во рамките на Агенцијата за вработување и се оценува дали тој бизнис план е издржлив и се пристапува кон потпишување на договор со Агенцијата и кон набавка на опрема, репроматеријали или производи за понатамошна продажба кои што се неоходни за успешно функционирање на бизнисот.

Коментари

коментар(и)