Од почетокот на месецов Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството започна голема теренска кампања во насока на информирање на земјоделските производители за можностите за искористување на мерките од програмите за поддршка.Според регионалниот раководител Џабир Рамадани кампањата досега позитивно е прифатена од земјоделците од кумановскиот регион. Инаку, со новиот модел за субвенционирање, земјоделците преку програмата за финансиска поддршка авансно би добивале основна субвенција наменета за одржување на земјиштето во обработлива состојба. Основната субвенција би ја добивал секој земјоделец кој обработува земјоделска површина, кој ќе посее едногодишна култура или одржува траен насад, земјоделец кој ќе поднесе барање и кој ги исполнува пропишаните минимум критериуми без услов за предадено производство. Дополнителната субвенција, пак, е врзана со остварен принос, но и со предавање на производството во регистрирани домашни капацитети или со искористување на производството за сопствена продукција на финални производи регистрирани за продажба од куќен праг. Можност за авансна исплата на дел од основните субвенции се предвидува и кај сточарството.
-Правиме програма за сите села да ги посетиме, со сите земјоделци да се сретнеме и да организираме трибини. Ги информираме подетално за системот за субвенционирање за растително, за сточарско производство, за сите активности со кои се тие бават. Покрај тоа, ги информираме и за Програмата за рурален развој и мерките што се додадени дополнително, за претходните мерки, за процентот на финансирање кој во некои мерки е зголемен така што можам да кажам дека добро сме прифатени од земјоделците и начелно се задоволни со начинот на субвенционирање, имајќи предвид дека многу подмерки се зголемени процентите, се зголемени бројките за субвенционирање така што продолжуваме со таа работа, секој ден сме на терен, по две до четири села, поделени во групи, активноста се врши низ цела држава, јас зборувам за нашиот кумановски регион, продолжуваме до крај на месецот, мислам дека ќе ги посетиме сите села, во Куманово, Липково и Старо Нагоричане. И во субвенционирањето и во програмата за рурален развој е предвидено дел од субвенциите да се исплатат порано, на два дела, тоа е новина која се прифаќа добро кај земјоделците, изјави Џабир Рамадани, регионален раководител на Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството