(ВИДЕО) Тодоровска: Зошто не се реконструираат улиците во населбите?

Кога ќе започнат да се реконструираат улиците во населбата „Перо Чичо“ со посебен акцент на главната улица која што ја поврзува населбата со „Ајдучка чешма“, по која што се одвива и јавен превоз, а поврзува и неколку населби со градот? Ова прашање советничката Соња Тодоровска на вчерашната седница го упати до Секторот за комунални дејности при Општина Куманово. Тодоровска бараше и одговор од надлежните кога ќе се асфалтираат веќе предвидените со програмата за работа за годинава улици во „Ајдушка чешма“, „Карпош“ и „Иго Тричковиќ“, но и зошто се уште не е започнат и кога ќе стартува реализацијата на проектот за фекална канализација во „Иго Тричковиќ“, иако според советничката, за ова има обезбедено средства и дополнителни средства за изработка на проектот.

– Оштетувањата на коловозот пречат во сообраќајот го отежнуваат, дури во одредени ситуации и го оневозможуваат. Кога ќе се започне со реконструкција на главната улица која води од „Перо Чичо“ кон „Ајдучка чешма“?, рече Тодоровска

„Проектот за фекална канализација во населбата „Иго Тричковиќ“ е во завршна фаза, се чека да се изврши пренамена на земјоделското во градежно земјиште и да се одобри од страна на Секторот за урбанизам по што ќе се пристапи на тендерска постапка, а ЈП „Водовод“  мислам дека има обезбедено средства да го изгради тој инфраструктурен проект“ , рече раководителката на Секторот за комунални дејности, Лидија Ланг – Спасовска во врска со фекалната канализација.

-Што се однесува до прашањето за улицата „Перо Чичо“,  ја нема ни со ребаланс предвидено во нашата ниту развојна ниту програма за уредување на градежно земјиште бидејќи немаме проектна документација за таков проект, потребна е поголема сума на пари, доколку се обезбеди од страна на општината, се надевам дека во некој нареден период истата ќе биде ставена во програма, а за оние останати улици по населбите на наредната седница е развојна програма, ќе имате прилика да видите што се е предвидено во неа и доколку  имате забелешки може и амандмански да се интервенира и истите да бидат вметнати доколку постои проектна документација за истите и нормално средства, рече Лидија Ланг Спасовска, раководител на Сектор за комунални дејности.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Незадоволна од одговорот на раководителката, Тодоровска потенцираше дека во случајов станува збор за улиците „503“, „504“ и „534“ во месноста Стари лозја и улиците од „715“ до „725“ во Гладно поле,  кои што веќе се влезени во програмата за реконструкција.

-Реконструкција на главната улица, а не улицата „Перо Чичо“, најверојатно лошо ме разбравте или јас лошо се изразив. Дел од улицата „Веселин Маслеша“, главната улица што ја поврзува населбата „Перо Чичо“ со „Ајдучка чешма“ е предвидена за реконструкција затоа што навистина е со дупки и навистина е со големо оштетување. Исто така зборувам за улиците од „Ајдучка чешма“ и населба „Карпош“, „Иго Тричковиќ“ затоа што веќе се влезени во програмата. Со ребалансот ќе направиме и нови, меѓутоа кога ќе се започне со овие веќе предвидени, рече Тодоровска.

– Очигледно има недоразбирање. Се согласувам, значи сите улици кои што се ставени во нашата развојна програма и програма за уредување на градежно земјиште ќе одат во редовна постапка значи за истите ќе се обезбеди, нормално, одобрение за градба, ќе се распише тендер, по завршување на тие процедури ќе се пристапи и кон реализација на истите, рече Ланг Спасовска.

„Како ќе оди динамиката и кои улици ќе бидат по приоритет сигурно ќе знаеме деновиве откако ќе се усвои ребаланс на буџетот и нашата измена во двете програми кои што ќе бидат претставени пред Советот на следната седница“, дообјасни  Ланг Спасовска.

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)