Во тек е јавниот повик до работодавачите и до невработените лица за мерката 3.2(а) а и 3.2(б), односно стручни обуки според барањата на работодавачите. Според раководителката на Центарот за вработување во Куманово, Марија Димитријевска, мерките се поделени на два огласа бидејќи работодавачите кои што ќе учествуваат во мерката 3.2 (а) мора да бидат верификувани спроведувачи на обука, додека работодавачите кои што ќе учествуваат во мерката 3.2 (б) не мора да бидат верификувани спроведувачи на обука, туку доволно е да изготват и да достават план според кој што ќе се реализира обуката. Оваа мерка се спроведува со поддршка на УНДП, посочува Димитријевска.
-Целта на оваа мерка е зголемување на степенот на вработливост на невработените лица со тоа што овде за разлика од практиканство каде што имаме ограничување на возраста до 29 години, овде нема ограничување на возраст, значи може да се вклучат и повозрасните активни баратели на работа. Исто така, оваа обука се одвива во период од три месеци со тоа што невработените лица добиваат надомест во износ од 11.000 денари, бруто износ со вклучено професионално заболување и данок на доход, со тоа што овде работодавачот по завршување на обуката треба 50 проценти од лицата кои што биле вклучени во обуката и успешно ја завршиле обуката да ги вработи на неопределено време во период минимум од шест месеци. Работодавачите кои ќе бидат вклучени во мерката 3.2. (а) добиваат надоместок во висина од 30.000 денари, додека пак работодавачите кои што ќе бидат вклучени во мерката 3.2(б) добиваат 25.000 денари за секое лице кое што успешно ја завршило обуката. Оваа мерка се спроведува веќе неколку години наназад, како дел од Oперативниот план. Рокот е се до исполнување на предвидениот опфат согласно оперативниот план, рече Димитријевска.
Јавниот оглас за стручни обуки според барање на работодавачите е објавен на 15-ти мај, а ќе трае се до исполнувањето на предвидениот опфат согласно Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување.