ВИДЕО: Тридневен протест на матичните лекари

Матичните лекари од Куманово се приклучија на тридневниот протест за зголемување на капитацискиот бод организиран од Здружението на приватни лекари на Македонија. Над 95 проценти од матичните лекари денеска се на работните места, но не издаваат рецепти и упати, освен за итни случаи, информира претседателот на здружението од Куманово, д-р Фатмир Асани.

-Штрајкот е со цел да го предупредиме министерот за здравство да преземе итни чекори за да го зголемат бодот на матичните лекари бидејќи сметаме дека само кај матичните лекари не е покачен бодот, а со тоа ниту платите, ние преку покачување на бодот можеме да ги зголемиме платите на матичните лекари и на медицинските сестри. Во терцијално и секундарно здравство ги зголемија. Исто така, веќе десет години е барањето пациентите да поминат на ПЗУ, значи на ординацијата на установата поради што сега само овој месец 10 матични лекари од Куманово ќе одат на приватна специјализација преку конкурси и како понатаму ќе биде со нив, не знаеме. Министерот за нас покажа арогантен однос, поради што ние информиравме пред два ипол месеца преку групи да контактираат да се усогласи начинот кога и како ќе се зголеми бодот. Тој ниту ги прими групите ниту ги повикал до сега, а најлошо е тоа што тој не се потрудил со новиот ребаланс на буџетот да предвиди пари како за другите институции, така и за нас и така да се стабилизира малку состојбата во примарното здравство. Само за Куманово, десет ординации се под 60.000 денари, а 60.000 денари зема тим на еден лекар и медицинска сеста, без други трошоци, без кирија, струја, хартија, книговодител, изјави д-р Фатмир Асани, претседател на Здружение на матични лекари во Куманово

Меѓу другите нивни барања се и двојно зголемување на ценовниците за приватни услуги, бришење на дестимулативната скала, целосно електронско здравство, зголемување на буџетите за специјалисти и лаборатории за рурални амбуланти, како и барање да не се затвораат ординации на доктори кои сакаат да продолжат да работат после наполнети 64 години.

-Електронско здравство целосно треба да биде бидејќи сега трошиме хартија, административните работи се обемни, зошто ни се потребни картони, кога тие картони ги има во компјутер со препишана терапија. Матичните лекари не сакаат да работат како матични поради ниски плати и обемна администрација, изјави д-р Асани.

Доколку деновиве не добијат одговор од надлежното министерство, штрајкот на приватните лекари може да се радикализира, посочува Асани.

-Не верувам дека ќе има одговор зашто ова е непослушна власт, но тогаш ќе одиме со порадикални мерки, можеби ќе преземат нешто доколку одиме пред Владата и ќе поставиме шатори и таму ќе седиме и нема веќе да бидеме на работните места, бидејќи ако бегаат младите ние самите не можеме да работиме така, изјави д-р Асани

Капитацискиот бод последен пат бил зголемен во 2018-та година за три денари и изнесува 63 денари, потенцира претседателот на здружението.

Инаку, министерот за здравство, Беким Сали, минатата недела изјави дека не го поддржува протестот на матичните лекари. Тој повика проблемите да се решаваат преку преговори, потенцирајќи дека вакви промени не можат да се направат во краток рок или под притисок.

Коментари

коментар(и)