Ива Цветковска, Никола Димитровски, Јаков Спиридоновски и Димитриј Спиридоновски, ученици во училиштето „Малац генијалац“ од Куманово учествуваа на седмата меѓународна олимпијада во ментална аритметика што се одржа деновиве во Белград. Овие ученици претходно се здобија со титули во Државната олимпијада по ментална аритметика во Скопје со што обезбедија учество на интернационалната која беше наменета за деца на возраст од 4 до 14 години од десетина европски земји.
Децата се натпреваруваа во неколку дисциплини на брзо сметање под мотото „ За деца кои го менуваат светот“. Покрај решавање на математички проблеми во писмен дел, кој подразбира решавање на 120 задачи за 12 минути, натпреварот се состоеше и од дисциплини како што се анзан, дупли анзан и супер ум.
Поимот ментална аритметика всушност претставува тренинг за здрав мозок. Станува збор за посебна програма со која се развиваат менталните капацитети и интелектот на децата. Програмата се заснова на употреба на AБАКУС, древна алатка за пресметување која е позната како претходник на денешните компјутери.
Училиштето „Малац генијалац“ – Куманово работи од септември 2022 година, а учениците веќе со одлични резултати на меѓународно ниво.