(ВИДЕО) „Фронт“ е коректив на најголемите партии, порачува Аткинс

„Независната листа „Фронт“  ја формиравме да ја разбудиме надежта, да ја разбиеме партизацијата во ова општество, да ги вратиме насмевките и да бидеме коректив на најголемите политички партии. Оптимисти сме дека потребните потписи ќе ги собереме во предвидениот рок, а се бориме и ќе се избориме барем за едно советничко место во Советот на општината“, вели Ивана Аткинс од граѓанската иницијатива „Фронт“ која собира потписи за независна листа на советници за претстојните локални избори.

-Ние ништо не ветуваме, а најмалку не ветуваме дека ќе ги вратиме младите кои што ни избегаа. Ние сакаме да ја промениме контролата на наративот во нашето општество.  „Фронт“ е коректив на најголемите политички партии кои досега не направија ништо друго освен што пополнија некоја дупка на некоја улица непосредно пред изборите. Ние како „Фронт“ сакаме да бидеме храбри, и сме храбри, изјави Ивана Аткинс, граѓанска иницијатива „Фронт “

Од „Фронт“ потенцираат дека не се залагаат ниту за работни позиции, ниту пак за повисоки функции, туку само за реално претставување на состојбата и проблемите.

-Ние имаме нешто конкретно, а тоа е да ги вратиме насмевките и стоички, достоинствено да излеземе во Советот и да ги кажеме проблемите. „Фронт“ со години и затоа сме независни, затоа што нам не ни се потребни ниту функции, ниту работни позиции, ниту повисоки работни позиции. таа контрола на наративот која што ни ја сервираат ние сакаме да ја пресечеме, изјави Аткинс

Освен „Фронт“, деновиве потписи за советничка листа собира и граѓанската независна листа „За чисто и хумано Куманово“ , а од утрово и актуелниот градоначалник Максим Димитриевски како независен кандидат за градоначалник.

Крајниот рок за собирање на потписи е 30-ти август, а граѓаните својата поддршка за независните листи и кандидати можат да ја дадат во канцеларијата на ДИК во Куманово од 08 до 20 часот, а викендов ќе работи до 21 часот.

 

Коментари

коментар(и)