Преку проектот „Веќе не е ладно во моето училиште“ хуманитарното здружение „Мајка“ ја следи реализацијата на предизборната програма на градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во селата Табановце и Пчиња. Општата цел на оваа акција е зголемено граѓанско учество, со акцент на ѓраѓаните од руралните средини. Претседателката на „Мајка“ и проектен координатор Лидија Илијевска информира дека врз основа на досегашниот мониторинг констатирана е делумна реализација на ветените реновирања на училиштата „Браќа Рибар“ во Табановце и „Браќа Миладиновци“ во Пчиња, како и на изградбата на фекална канализација, крак кон селото Табановце.
– Ние правевме мониторинг врз основа на она што го имавме како информација од веб страна на општина Куманово, од разговори од надлежните во општината, од жителите во селата, правевме анкета и видовме дека граѓаните и од Табановце и од Пчиња делумно се запознаени со предизборната програма на градоначалникот, дека не се во тек со тоа до каде се овие активности за реновирање на училиштата, и денеска сме тука на еден мировен собир да испратиме порака до надлежните, повеќе до градоначалникот да о потсетиме на неговите предизборни ветувања. Се надеване дека оние ветувања што ги дал, веќе и ќе ги реализира бидејќи делумно од тие ветувања се зпаочбнтисо реализација па се надеваме дека учениците од Табановце и Пчиња во наредната учебна година ќе имаат помодерни училишта и потопли и поубави услови за работа, изјави Илијевска.
Активистките на „Мајка“ заедно со месното население, а во соработка со училиштето „Браќа Рибар“ денеска по повод Денот на екологијата засадија дрвца во училишниот двор порачувајќи дека треба да се чува животната средина.
-По повод Денот на екологијата сакавме овие собири да не ни бидат празни, туку да ни претставуваат еден симбол, да испратиме исто една порака дека треба да се чува животната средина. Денеска во Табановце ќе засадиме 80 родни дрвца во училишниот двор, а утре во Пчиња ќе засадиме 17 листопадни иглолисни дрвја, исто така во нивниот двор и со тоа ќе прионесеме околината на училиштето да биде поубава, но и учениците да стекнат една навика дека треба да се води сметка за средината во која што се живее и дека секое дрво значи живот, изјави Лидија Илиевска, ХЗ „Мајка“
-Имаше ветување дека треба да се реконструира училиштето, да биде поубаво училиштето и нашите деца да се повесели. Од многу одамна има и спортска сала, но не е во функција, руинирана е. Сите ветуваат, а никој не сака да се потруди да го реши проблемот со спортската сала. Нашите деца во 21 век вежбаат во училниците, наместо во спортска сала, изјави Наташа Пешиќ, родител
Според Илијевска, вклученоста на заедницата во процесот на донесување на одлуки на локално ниво е една од главните цели на организацијата.
„ Со реализација на предвидените активности ја мобилизираме заедницата и ја потсетуваме локалната власт да ги исполни своите ветувања и планови. Целиме кон постигнување на поголема политичка одговорност и транспарентсност на општината, а воедно и зголемување на јавната свест кај граѓаните од руралните средини за граѓанското учество, истакна претседателката.
Ваков мировен собир преку кој „Мајка“ сака да испрати порака и да ја потсети локалната власт да ги исполни своите ветувања и планови ќе биде реализиран и утре заедно со жителите на Пчиња, а ќе бидат задасени и дрвца како симбол на зачување на здрава и чиста животна средина.
Здружението „Мајка“ го спроведува проектот „Веќе не е ладно во моето училиште“ во рамките на проектот „Поддршка на изборни реформи“ на Владата на Швајцарија, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).