Промоција на книга, концерт на Младинскиот оркестар, гостување на две претстави на Театар Куманово во Штип се дел од активностите на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ што ќе се реализираат наредниот период.
Утревечер во малата сала на културната институција ќе биде промовирана книгата „ Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски. Извадоци од книгата ќе читаат актерката Кети Дончевска – Илиќ и Анастасија Величковиќ. Антоновски е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ и зад себе веќе има неколку публикации. Минатата година беше прогласен за најдобар млад научник во хуманистичките науки и од претседателот на државата му беше доделено признанието „Успешни млади“.
Во тек се и повиците за волонтери и за младите креативни кумановци кои што сакаат својата идеја да ја претворат во проект со поддршка на центарот за култура.
Се очекува деновиве да биде објавена и Годишната програма од министерството за култура за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2023 година. Минатата година кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“ доби 5,5 милиони денари за реализација на годишната програма.