(ВИДЕО) Четири генерации Трајковиќ се занимаваат со грнчарство

Четири генерации од семејството Трајковиќ од кумановско Табановце, се занимаваат со грнчарство. За разлика од минатото, денес да се работи овој занает е многу полесно. Но, продажбата е значајно опадната. Педесет и двегодишниот Стојан Трајковиќ, кој во моментов создава производи од глина, раскажува дека  занаетот го научил од неговиот татко Србољуб чиј што дедо и прадедо биле познати грнчари од североистокот. Тој активно работи веќе 30-ина години. Вели треба многу време, и работа за да се создаде еден производ, а подоцна и да се пласира на пазарот. Го загрижува тоа што младите не се заинтересирани, па нема кој да го продолжи семејниот занает. Коронакризата вели влијаеше и на продажбата, но сепак од занаетот се уште може да се живее.

-Претходно имаше побарувачка, за домаќинства, ресторани користеа голем дел, сега во последно време кризата однесе многу работи во минус, и слабо оди работава. Имаме правено многу изработки не само за нашиот пазар, имаме и за странски амбасади, многу наши производи ги красат нивните простории, ресторани-истакна тој.

Неговиот 86-годишен татко, Србољуб, дополнува дека грнчарството во минатото било доста ценет занает, па и продажбата била значајно подобра.

 

-Занаетот е многу тежок, треба да се копа земја, да се носи, на машина, да се внесе внатре, потоа се работи на точакот, немаше машини сега има машини преси и на нив се прави.  Додека работеа фабриките се беше добро, откако престанаа фабриките, се се намали и занаетот и народот, сега е многу слабо за работа-посочи тој.

Овој стар занает, како и останатите, се уште не се заштитени како трајно културно наследство. Занаетчиската комора, предупредува доколку не се најде решение, во скоро време ќе останеме без овие амбасадори на нашата култура и традиција.

-Гордост на нашата земја е дека постои четврта генерација вакви занаети и ние како иституција треба да ги заштитиме занаетите. Да се направи некој закон или трајно субенционирање од државата, бидејќи тие ја чуваат традицијата, добри мајстори се, но и најдобри амбасадори на нашата држава-посочи Агрон Фазли, претседател на Занаетчиската комора.

И занаетчиите се надеваат дека државата ќе им излезе во пресрет.

-Овие две години добивме субвенции за трошоци за репроматеријали од Министерство за економија, тоа беше голема помош бидејќи занаетчиите беа пред ставање клуч. Сега сме активни да ни помогне и во набавка на современи машини, не мора Кина да ни носи чинии да си правиме сами ние производство да имаме, и наши деца да бидат вработени-вели Трајковиќ.

Од комората изразуваат задоволство што државата ги опфати занаетчиите во неколкуте пакети мерки за поддршка на претпријатијата погодени од коронакризата. Но велат неопходни се субвенции, со кои ќе им се помогне на овие 100-ина занаетчии, да продолжат да ја чуваат нашата традиција и култура.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)