(ВИДЕО) Ќе останат ли граѓаните уште два месеци без превоз?!

Второстепената комисија од Министерството за транспорт и врски одлучи да ги прифати жалбите на дел од превозниците за спорните осум линии за градскиот превоз во Куманово. Општина мора да распише нова постапка. Првиот човек на Куманово не прецизираше дали тоа значи дека поголемите населби наредниве два месеци ќе останат без превоз. Димитриевски потенцираше дека одредени стопанственици се посилни од законот.

Се уште не се знае кога ќе профункционира јавниот градски превоз за жителите на поголеми населби, Гоце Делев, Зелен рид, Перо Чичо, Карпош, Железничка станица, Иго Тричковиќ, Тромеѓа. Првиот човек на Куманово информираше дека второстепената комисија од Министерството за транспорт и врски, прифатила дел од жалбите поднесени од превозниците, па општината ќе мора да распише нова постапка. Димитриевски не прецизираше кога ќе реши проблемот со овие линии. Искуството од претходно покажува дека постапката може да трае и до 2 месеца.

Одлуката на второстепената комисија има еден технички пропуст или недостаток на еден документ од страна на еден од понудувачите. Вториот понудувач го користи тој момент, ја обжалува постапката и повторно ја враќа на повторно разгледување. Ќе имаме нова постапка каде што ќе имаат можност да се пријават сите и секако тој што ќе даде најповолна понуда, најголем број на тргнувања/заминувања, на самата линија и најквалитетни услуги во поглед на возило со кое што располага, тој ќе биде избран на тендерската постапка-истакна градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Дополни и дека одговорот на жалбената постапка го добиле последниот ден.

-Јас не сакам да ја коментирам одлуката на второстепената комисија но повторно ќе потенцирам дека се покажува во пракса дека некои приватни субјекти се дури посилни од системот и многу е тешко во такви моменти да излезете со нив, но јас ќе бидам истраен бидејќи мојот приоритет пред се е кумановци ако веќе плаќаа за јавен превоз да добиваат и квалитетна услуга-вели Димитриевски.

Тој нагласи дека граѓаните претходно реагирале за превозници кои не ги одржувале линиите, немале редовни тргнувања и заминувања, како и за квалитетот на автобусите за кои нагласи, дека мора да исполнуваат минимум Еко 4 стандарди.

-Имаме многу спорни точки не се работи за едно возило се работи за поголем број на превозници, дури некои се дрзнуваат да даваат директни насоки на превозник кој, каде и како ќе стопанисува и кога ќе вози, за тоа ќе има една истражна постапка за која ќе бидат информирани надлежните државни органи. Ќе се борам против овој процес и ова што се случува во општината во моментов и нема да дозволам никој да биде над законот-посочи Димитриевски.

Потенцираше дека ќе бара превозниците доследно да се држат до законот, бидејќи граѓаните го ставиле на ова позиција и бараат од него да се грижи за услугите и за здравјето, нагласувајќи за старите возила кои го загадуваат воздухот.

Што се однесува до превозот на учениците, рече дека секое училиште и директорите согласно законот имаат овластувања и надлежноста на училиштата е да склучат договори со превозници, во случај кога нема градски превоз.

Во Телевизија Плус секојдневно пристигнуваат поплаки од граѓаните од поголемите населби, на кои поради превозот им се загрозени работните места, семејниот буџет. Овие населби од 1-ви јануари годинава се без јавен градски превоз. На првиот тендер беа избрани превозници до селата и тој функционира од први февруари.

Коментари

коментар(и)