ВИДЕО: Ќе се избришат паркинг местата од дел од „Ленинова“

Ќе се избришат обележаните паркинг места на едната страна од улицата „Ленинова“ во централното градско подрачје, најави на последната седница на Советот на Општина Куманово, директорот на јавното претпријатие „Куманово паркинг“, Сашо Петрушевски, одговарајќи на прашање на советникот од Левица, Никола Лазаровски.

Тој праша зошто дел од возачите од Куманово и од другите места непотребно се уште плаќаат паркинг место, а на некои од нив и возилата им се отстрануваат со пајак, иако на оваа улица од пред една година, со одлука на советот може да се вози во двете насоки.

Директорот одговори дека процесот бил одолжен поради тендерска постапка, но проблемот во најкраток рок ќе биде решен.

-Во најкраток можен рок ќе се изврши обележување, бидејќи имаше тендерска постапка за набавка на бои, која заврши пред неколку дена. Променета е вертикална сигнализација каде што од еднонасочна е променета во двонасочна улица, во најкраток рок ова прашање ќе се реши-посочи Петрушевски.

Сообраќајниот режим на движење на уличките од централното градско подрачје беше изменет лани на две локации во Куманово. По барање на граѓаните и по проценкаа на комисија за еднонасочни улици и зонско паркирање во Куманово, донесена беше одлука да се воведе двонасочен сообраќај во централното градско подрачје на дел од улицата „Ленинова“. Согласно одлуката, паркинг местата останаа само од десната страна од крстосницата од „Иво Лола Рибар“ и „Илинденска“ и „Ленинова“ кон крстосницата „Ленинова“ и „Димитар Влахов“, со што останува постоечкото паркирање од левата страна на улицата, која е доволна широка и може да се одвива двонасочен сообраќај.

 

 

Коментари

коментар(и)