ВИДЕО: Ќе се направат бунари за дополнителна вода за пожарникарите, одлучи штабот

Општинскиот штаб за заштита и спасување по денешниот состанок предложи, трочлена комисија од претставници од територијалната противпожарна единица Куманово, јавните претпријатија „Водовод“ и „Чистота и зеленило“, да изврши увид и одреди потенцијални локации на територија на општината, за изведба на бушотини за снабдување со вода, кои би се користеле за полнење на возила на противпожарната единица за за гасење на пожари и изградба на хидранти.  За ова по состанокот информираше градоначалникот на Куманово, нагласувајќи дека пожарите се под контрола. Тој дополни дека изминативе седум дена во кумановско се регистирани 60 пожари. Минатиот четврток само за 24 часа имало 15 интервенции на различен тип на опожарување.

-Успеавме сите да ги изгасиме, а во одреден момент побаравме и помош од централниот штаб. При што помош добивме од општините Велес и Кавадарци. За што сме исклучително благодарни. Сакам да се заблагодарам на сите наши пожарникари од ТППЕ Куманово, кои деноноќно учествуваа во овие акции, за гасење на пожарите и на припадниците на Армијата, и на волонтерите од јавните претпријатија и општината. Во овој момент сме подготвени да помогнеме и на останатите општини  во регионот кои што имаат потреба од наша интервенија како и на општините во државата-истакна Димитриевски.

Општинската комисија за проценки на штети е на терен. Ги посетува домаќинствата кои што се опожарени и ја дефинира штетата.

-Ние тоа го работиме во соработка со територијалната противпожарна единица, ги црпиме информации од нив, каде тоа е интревенирано од нивна страна и потоа комисија оди, фотодокументира и прави проценка. Откако ќе ги направиме тие проценки ќе ги упатиме сите записници до Владата каде што треба да се донесе одлука за обештетување на граѓаните, бидејќи факт е дека имаме веќе дефинирана кризна состојба. Согласно законот Владата тоа може да го стори, а во другиот случај сите оние лица кои што се опожарени имаат можност да поднесат барање до Советот на Општина Куманово за добивање на финансиска помош при опожарување-дополни тој.

За да поднесат барање на Советот, граѓаните треба да обезбедат потврда од територијална противпожарна единица за опожарување на нивниот дом и од МВР, објасни градоначалникот. Но тој нагласи дека комисијата има проблеми со опожарени стари куќи.

-Имаме реален проблем и тоа при опожување на оние напуштени куќи, каде не живеел никој, немаат статус на домови, кои не ги посетувале со години и се создава проблем при самата проценка на имотот бидејќи најголем дел од граѓаните кога се случи пожарот, додека траеше, ниту сакаа ниту пак дојдоа на лице место и сега се појавуваат како баратели за помош. Да апелираме дека  комисијата ќе се држи согласно нејзините законски овластувања, нема да прави пропусти и да обештетуваме лица кои не сакале да се грижат за нивниот дом во најкритичните моменти-посочи Димитриевски.

Општинскиот штаб за заштита и спасување апелираше до граѓаните да се воздржат од палење стрништа и отпаден материјал, со цел да се спречат пожарите. Но и да се пријават сомнителни движења на лица и возила, можни причинители на пожарите.

Коментари

коментар(и)