Отпочна со работа отворениот градски базен во Куманово. Базенот ќе работи секој ден вклучително и недела започнувајќи од 10 до 18 часот. Цената на билетот останува непроменета и изнесува 150 денари, информира Даниел Стојчевски, директор на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ кое менаџира со градскиот базен.
– Јавното претпријатие ќе има ангажирани сопствени спасители кои што ќе се грижат за безбедноста на пливачите во водата. Паралелно во преговори сме со Црвениот крст доколку имаат можност да се вклучат и тие да бидат тука присутни доколку дојде до некоја интервенција. Отворенот градски базен во минатиот период целосно е реконструиран и сите потребни неопходни работи што беа за нормално функционирање на базенот беа извршени, така што се надеваме дека нема да има дополнителни проблеми, капачите ќе можат да уживаат во наредните два-три месеца, колку што ќе работи отворениот градски базен, колку дозволуваат временските услови и ги покануват сите кои што се заинтересирани да повелат да ни се придружат во летните авантури. Базенот е поделен на неколку дела, имаат можност да пливаат и малите дечиња, има и подлабок дел за оние поискусни пливачи, има обезбедено лежалки, сунцобрани, од поставените автомати ќе можат да се напијат и кафе, ладна вода ќе има обезбедено, изјави Даниел Стојчевски, директор на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“
Квалитетот на водата во двата базена го испитува Центарот за јавно здравје Куманово, посочува Стојчевски.
Паралелно со отворениот продолжува со работа и затворениот градски базен.
-Затворениот градски базен паралелно ќе работи со отворениот градски базен со тоа што тој работи од 08 часот до 22 часот и работи од понеделник до сабота, во недела нема да работи. И таму базенот го користат поискусните рекреативни пливачи, а го користат и спортските клубови, на најмлалите дечиња се врши обука за пливање и таму работите се одвиваат во најнормален ред, изјави Стојчевски.
Отворениот градски базен изминатите две години не работеше заради корона кризата.
Инаку, комплексот со затворен и отворен градски базен, лоциран непосредно до спортската сала започна со работа во август 2016-та година. Инвестицијата е на општина Куманово, вредна 200 милиони денари.