Виртуелна посета на Музеј – Куманово

Виртуелни тури на постојаната музејска поставка и на локалитетот Кокино нуди НУ Музеј- Куманово во време на пандемија кога се забранети масовни посети на културните центри. Преку проектот на Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија „Туризам кој придонесува за културното наследство во прекуграничниот регион Македонија –Бугарија“ во промоцијата на културно-туристичката понуда со свои текстови и фотографии вклучени се кустосите вработени во кумановскиот Музеј.

-Сите музеи во светот се преструктуираа да понудат виртуелна тура односно тродимензионално снимање на сите артефакти во музејот и преку телефони или преку лап топ вие можете виртуелно да влезете во срцето на музејот и да уживате во убавините на артефактите што ги крие тој музеј без да имате потреба вистински да го посетите, така што и ние бевме вклучени во изработка на две такви тури, за нашата постојана поставка и за Кокино и мислам дека е многу корисно за граѓаните.Веќе наидовме на огромен број на позитивни коментари, не знам дали во Македонија постојат уште некои објекти од културно -историско значење кои што се снимени на ваков начин и се достапни за граѓаните меѓутоа многу е корисно што линковите за виртуелни посети на Кокино и на Музеј Куманово се веќе ставени на интернет така што може и странците и пред да дојдат кај нас да бидат подготвени да знаат што гледаат. Инаку, во самата изработка на виртуелните тури зедовме учество и ние како кустоси од Музеј Куманово со свои текстови, фотографии кои што се вклопени во виртуелното разгледување  на самите објекти. Инаку, ова е извонредна појдовна точка за понатаму, за набавка на 3D очила кои исто можат да се искористат за вакви тури и самата тура е добра стартна позиција за други проекти со кои што можеме уште повеќе да го дигитализираме културното наследство, изјави Дејан Ѓорѓиевски, кустос-археолог во НУ Музеј – Куманово

Ѓорѓиевски верува дека вакви проекти што не се директно поврзани со нив, а во кои што можат да се вклучат може да дадат огромен придонес во дигитализацијата на културното наследство, бидејќи реално, како што посочува,  Македонија скоро и да нема започнато со дигитализација иако има донесено Национална стратегија за заштита на културното наследство, проекти и Центар за дигитализација на културното наследство.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0 0

Коментари

коментар(и)