ВМРО-ДПМНЕ: Дали е загрозена приватноста на базенот?

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Куманово денеска обвини за наводен скандалозен настан во недела во соблекувалните на градскиот базен при што била загрозена приватноста на корисниците од страна на лице ангажирано на базенот, меѓутоа без да прецизираат за што конкретно станува збор.

Како што рече портпаролот на партијата Милош Давидовиќ, до нив пристигнале реакции од родителите и упатуваат прашања до градоначалникот Максим Димитриевски и директорот на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ дали е загарантирана безбедноста и приватноста на огромниот број дечиња кои го посетуваат базенот.

– До нас дојдоа реакции од повеќе родители за одредени случувања во неделата во просториите на базенот, па во нивно име и во интерес на вистината прашуваме дали директорот Стојчевски има информации за наводен скандалозен настан во недела на градскиот базен, поточно во соблекуваните на овој објект? Дали е вистина дека била загрозена приватноста на корисниците на базенот од лице работно ангажирано на градскиот базен? Дали е загарантирана безбедноста и приватноста на огромниот број на дечиња кои го посетуваат базенот? Дали сите лица кои се водат како персонал на базенот се уредно пријавени во надлежните институции и вработени, согласно законските прописи? – прашува Давидовиќ во име на ОК ВМРО-ДПМНЕ Куманово.

Давидовиќ го повика директорот Стојчевски и градоначалникот Димитриевски да дадат одговор на прашањата, а воедно, ја повикуваат и Првата детска амбасада „Меѓаши“ и Народниот правобранител да се заинтересираат за случајот и да соработуваат со сите надлежни институции, заради расчистување на истиот.

Вчера се наврши една година од мандатот на Димитриевски, која според Давидовиќ е година на едно големо ништо. Додава дека Димитриевски и неговиот локален менаџерски тим го пресликале, како што рече, практицирањето на власта на СДСМ на централно ниво – неработење, непотизам, нестручност и скандали.

– Работата на “најдобриот менаџер”, како што Димитриевски милува во секоја прилика да каже, почна да наидува на сериозни реакции на загриженост на нашите сограѓани речиси на дневно ниво. Не само што директорот Стојчевски тешко се справува со дивите депонии низ градот, кои на неколку дена се палат и го загрозуваат здравјето на граѓаните, како и со степенот на оддржување на јавната чистота, во краток период во објектот што е позади нас, Градскиот затворен базен, а што е во надлежност на ЈП „Чистота и Зеленило“, се случија настани за кои кумановчани оправдано бараат одговори, додаде портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Милан Давидовиќ.

Од партијата се навратија и на последната наводна тарифа од 100 денари за влез на родители во пресоблекувална во случај да сакаат да им помагаат на своите дечиња, а која директорот Даниел Стојчевски ја демантираше, со образложение дека такво нешто не може да се стори без одлука на Советот.

Засега нема реакција ниту од Општина Куманово, ниту од Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ во однос на прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Коментари

коментар(и)