ВМРО-ДПМНЕ: Референдумот е неуспешен

Референдумот е неуспешен, цензусот не е постигнат, пред 9 дена, граѓаните на Куманово и народот во Македонија, не дадоа поддршка за промена на уставното име на Република Македонија, рече денеска на прес конференција, Милан Давидовиќ, портпарол на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Куманово.

Како што потенцираше Давидовиќ, залудни им беа срамните закани, континуираните уцени и притисоци, секојдневните малтретирањата кон нашите сограѓани.

– Референдумот е неуспешен. Цензусот не е постигнат. СДСМ и градоначалникот на Куманово, иако помпезно ветуваа излезност од минимум 50%, односно излезност на повеќе од 45.000 Кумановци, мнозинството од гласачите во Куманово одлучија да бојкотираат, односно да не гласаат на референдумот.  Залудни им беа срамните закани, континуираните уцени и притисоци, секојдневните малтретирањата кон нашите сограѓани. Не им помогнаа ниту заплашувањата на вработените во локалната самоуправа и јавните претпријатија, ниту полнењето на кутии и обиди за бугарски воз. Ниту предреферендумските асфалтирања во приградските населби и лажните ветувања за вработување, истакна Давидовиќ.

Според портпаролот на општинскиот огранок на партијата, за наведените тврдења постојат и докази. Од 92.691 запишани гласачи во избирачкиот список во нашата општина, истакна Давидовиќ, вкупно 59.453 наши сограѓани не гласале. Тоа, како што посочи, е мнозинството кое одлучи.

– За истакнување е и тенденцијата на паѓање на поддршката на СДСМ во нашиот град. За само една година, СДСМ и партиите кои го поддржаа референдумот, во Куманово изгубија повеќе од 2800 гласачи, споредбено со Локалните избори во 2017 година. Затоа драги сограѓани, дозволете во име на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Куманово да ви се заблагодарам за покажаната храброст, одлучност, за вашата висока демократска и патриотска свест. Заслужувате највисока почит, ваши се заслугите, ваша е почитта, истакна портпаролот.

Владата како што беше истакнато, мора што поскоро да си замине, затоа што според ВМРО-ДПМНЕ со сила се обидува спротивно од волјата на мнозинството да го промени уставното име на Република Македонија.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)