Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција обвини дека Социјалдемократскиот сојуз е партија која е заглавена во криминал. Тие потсетија дека пред неколку дена член на извршниот одбор на партијата, Виктор Петрушевски бил фатен од српските царински служби како тајно и незаконски изнесува поголема сума пари. Наводно тој успеал готовинаата да ја сокрие од македонските цариници, но не и на српската страна.
-Виктор Петрушевски освен што е член на ИО на СДС истиот е поставен и за раководител на комерцијален сектор на Куманово гас. Јасно е дека толкава сума евра во готово не се заработува од плата и од чесно работење. Се поставува прашањето чии пари на црно изнесувал Петрушевски? Уште поважно е прашањето за кого биле наменети тие пари и кој требало да биде исплатен?-праша Срѓан Ивановски од ОК на ВМРО-ДПМНЕ.
Ивановски истакна дека јавноста веќе добро знае дека и останати членови на партијата го прават истото. Нагласи дека се знае дека Шилегов сам си плаќал консултантски услуги а Шекеринска сама на себе си префрлала огромни кирии.
-Колку пати на овој начин и колку пари останатите членови на ИО на СДС успеале да изведат од Македонија? На каков начин се заработуваат овие пари и дали истите служат за подмирување на трошоците за поранешните обуки кои Канвас им ги држеше за тоа како со боја да уништуваат институции, згради, улици, споменици, се она што е Македонија. Очигледно скапо чини дипломата од Канвас и ангажманот на новите пратеници Павле Богоевски и Ивана Туфегиџ и сите СДС шарени, меѓу кои и Виктор Петрушевски-нагласи тој.
Ивановски нагласи дека додека директорите на општинските претпријатија со своето неодговорно работење го блокираат нормалното функционирање, вработените не земаат плата и по неколку месеци.