Вонреден состанок на Општинскиот кризен штаб

По појавата на зголемена загаденост на воздухот во тек на изминативе неколку денови во Куманово, вчера се одржа вонреден состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување, на кој присуствуваа претставници од Општина Куманово и МВР.

На состанокот, како што информираат надлежните се донесоа неколку заклучоци и препораки, меѓу кои јавното претпријатие Чистота и Зеленило треба да врши зачестена аеросолизација и миење на улици во централното градско подрачје, во тоа ќе добијат помош од противпожарната територијална единица Куманово.  

Секторот за инспекциски надзор е задолжен да изврши контрола кај сите правни субјекти кои заради вршење на својата дејност користат горилници, дали имаат поставено соодветни филтри и доколку немаат, да им наложат да извршат прочистување на оџаците и поставување на заштитни филтри, во најкраток можен рок.

Одделение за заштита на животната средина и природата при Општина Куманово, треба да ангажира лиценциран правен субјект за анализа на квалитет на воздухот со соодветни мерења на повеќе локации во централно градско подрачје.

Се задолжуваат надлежни сектори при Општина Куманово, во координација со Министерство за животна средина и просторно планирање, да предложат дополнителни локации за поставување на нови мерни инструменти за мерење на квалитет на воздухот.

Од СВР Куманово, се бара да врши засилени контроли на несовесни граѓани и други правни и физички лица кои ја загадуваат околината преку фрлање на отпад надвор од местата предвидени за одлагање на смет, кои палат стрништа и друг вид на отпад, засилена контрола на моторни возила – учесници во сообраќајот како и контролирање на издувните гасови.

Се апелира до граѓаните за разумно постапување, поточно, возилата да не се користат без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од одпадоци, печките на дрво да се користат и одржуваат според упатството на производителот, редовно чистење на оџаците.

Општинскиот штаб за заштита и спасување и понатаму ќе ја следи состојбата со лошиот квалитет на воздухот и ќе превзема соодветни мерки.

Коментари

коментар(и)