Во „Боро Менков“ одбележан Денот на АРМ

Во касарната „Боро Менков“ утринава со воена свеченост единиците од гарнизон Куманово го одбележаа 18-ти август, Денот на Армијата на Република Македонија. Во чест на 23-годишнината од формирањето на АРМ присутните имаа можност да се запознаат со опремата со која што располагаат единиците, како и да го проследат предавањето на стројот на командантот на гарнизон, одавање на почит на загинатите борци за Македонија, и загинатите борци и припадници на АРМ. За формирањето на Армијата и досегашните достигнувања пред присутните зборуваше командантот на гарнизонот, полтполковникот Али Хаиро. Тој истакна дека е гордост да се биде дел од Армијата чии корени се протегаат длабоко во македонската историја.

-Денешната свеченост е погодна можност да се потсетиме и да не заборавиме на настаните кои го одбележаа развојот на АРМ во изминатите 23 години во самостојна и суверена Република Македонија. По осамостојувањето на 8-ми септември 1991 година и повлекувањето на тогашната ЈНА, Македонија формираше армија со сопствени сили и капацитети за нејзино функционирање, речиси од нула. По 27 ми март 1992 година АРМ по преземањето на целосната контрола на територијата на Република Македонија се отпочна со формирање на армија од регрутен состав која во годините што следеа прерасна во целосно професионална армија, обучена според сите современи воени стандарди-истакна тој.

Потполковникот Хаиро зборуваше и за учеството на АРМ во бројни мултинационални и национални воени вежби, поради што државата ужива висок углед. Инаку освен одбрана на територијалниот интегритет припадниците на АРМ активно учествуваат и во справување со предизвиците како што се пожари и поплави.

-Армијата на Република Македонија секогаш е и ќе биде тука за заштита и помош на граѓаните и институциите на Република Македонија. Сите припадници на АРМ со својот професионален ангажман со љубов кон татковината, лојалноста, одговорноста и посветеноста кон реформите, имаат свој придонес во извршувањето на уставната мисија за одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на нашата татковина и во достигнувањето на поставените стандарди. И во понатамошниот период ќе бидеме исправени пред предизвиците, мисијата и задачите низ процесите и реформите што во континуитет ќе се спроведуваат и извршуваат-нагласи тој.

На крајот на свеченоста командантот на касарната Боро Менков ги прочита наредбите за унапредување и врачи награди, пофалници и други стимулативни мерки. На манифестацијата по повод 23 години од формирањето на АРМ присуствуваа претставници на локалната власт, Советот на Општина Куманово, Сојузот на борци, Здружението на армиски и полициски ветарани и бројни граѓани.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)