Во кумановско ќе се засадат два милиони садници

Во Општина Куманово, Липково и Старо Нагоричане, годинава, како и минатите е планирано да се пошуми околу 400 хектари земјиште.  Директорот на јавното претпријатие „Македонски шуми“ ,Ваит Саити изјави дека за разлика од минатата година, оваа се очекува да се засадат 500.000 повеќе садници од различни видови.

– Веќе почнавме со подготовките за расад. Работниците работат на полнење на гајбите. Планирани се два милиони садници од сите врсти и мислам дека и оваа година успешно ќе се спроведе акцијата. Најверојатно пошумувањето ќе биде спроведено на планините Козјак и Карадак и околу 50 до 100 хектари во Општина Куманово-изјави тој.

Во меѓувреме ЈП „Македонски шуми“ има склучено договор со Општина Куманово за отстранување на старите дрвја во паркот, кој се наоѓа во близина на автобуската станица и прочистување на речното корито на реката Пчиња.

-Имаме договор со Општина Куманово за чистење на старите тополи во паркот. Сите се исечени, расчистени и завршивме со работа во Стариот парк во Куманово. Сега планираме да започнеме со расчистување на реката Пчиња. Таму има многу дрвја кои ја спречуваат водата да се движи по коритата-додаде Саити.

Инаку исечените дрвја се складираат во објектите на јавното претпријатие, а подоцна се продаваат.

Коментари

коментар(и)