Во ОУ „Христијан Карпош“ одбележан Денот на пролетта

Во основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ денеска беше одбележан Денот на пролетта и екологијата, 21-ви март. Дел од учениците рецитираа творби за здрава животна средина, додека други ги чистеа просториите. Наставниците истакнаа дека учениците со задоволство учествуваат во акциите за разубавување на училиштето.  Додадоа дека заедно веќе изработиле и еко катче.

-Во рамки на проектот Интеграција за еколошка едукација во македонскиот образовен систем нашето училиште во октомври минатата година конкурираше за знаме, и стана дел од мрежата на еко училишта низ државата. Се закити со титула еко училишта со сребрено знаме, благодарение на соработката на сите во еко тимот и на директорката. Децата со воодушевување  ги прифаќаат сите активности што ние тука ги организираме, еко патролите. Имаме соработка и со родителите и со пошироката заедница, локалната самоуправа, јавните претпријатија Водовод, Чистота и Зеленило. Постојано работиме на разубавување на околината на училиштето-изјави Даниела Стефановска проектен координатор.

На манифестацијата се одржа и промоција на еколошкото списание Фиданка, коешто го изработиле учениците.

-Еко тимот има многубројни активности, голема плеада меѓу кои се роди идеата да го направиме ова списание, со што ќе ги поттикнеме децата во нашето училиште постојано да размислуваат, творат, разговараат за екологијата затоа што тоа е наука која треба се повеќе да земе удел во нашите животи, посебно дечињата во училиштето да станат екологисти. Списанието Фиданка денеска излегува за прв пат, во договор сме еднаш годишно да излегува-нагласи Биљана Петковска, одделенски наставник, уредник на списанието.

Наставниците се надеваат дека на овој начин ќе им дадат простор на учениците да творат, собираат материјали и да учествуваат во креирање на списанието, Фиданка.

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)