Во Пелинце почна 47-та ликовна колонија „Куманово 2021“

15 академски ликовни уметници од државата и земјите од регионот, Србија, Бугарија, Хрватска и БИХ годинава се дел од 47-та ликовна колонија „Куманово 2021“, информираа денеска надлежните од Националната установа Музеј, Куманово. Поради состојбата со коронавирусот дел од уметниците творат во Пелинце, а дел од домашните ателјеа.

На колонијата учествуваат Тања Темелковски Соларска, Ивана Тушевска, Стефан Младеновски, Марија Трајаноска, Мирослав Величковски, Ивана Настески и Дејан Божиновски од државата, Јелена Враговиќ, Небојша Ѓурановиќ, Владимир Илиќ, Маријана Ракичевиќ и Звездана Ѓериќ од Србија, од Хрватска, Леа Цепиќ, Панта Пантиќ од Бјелина (БИХ) и Небојша Станков од Бугарија. Колонијата ќе трае до 13 август, за кој период, уметниците ќе работат сликарство.

Во среда, во 20 часот во Уметничката галерија ќе биде поставена и изложба на дела од минатогодишната продукција од колонијата 2020 година.

Колонијата како и секоја година ја организираат и координираат НУ Музеј – Куманово и градоначалникот и Советот на Општина Куманово, во Меморијалниот комплекс АСНОМ во Пелинце. Ликовната колонија „Куманово 2021“ е финансиски поддржана и од Министерството за култура. Ова е една од најстарите колонии во државата која се одржува од 1974-та година.

 

Коментари

коментар(и)