Во петок во живо на ТВ Плус седница на Советот

Одлука за констатирање престанок на мандат на член на Советот, годишен извештај на Територијалната противпожарна единица Куманово за претходната година како и програма за тековната, се дел од точките коишто во петок ќе се најдат на дневен ред на петтата седница на Советот на Општина Куманово.

Советниците ќе дискутираат и за предлог –решение за давање согласност на Одлуката за измена и дополнување на Статутот на ЈП „Куманово – паркинг“ – Куманово, ЈП „Пазаришта“ – Куманово; како и за утврдување на недвижни ствари кои треба да бидат предмет на јавно наддавање за издавање под закуп за ова претпријатие.

Потоа ќе се дебатира и за измена на програмата за одржување јавна чистота на јавни сообраќајни површини, измена на Програма за уредување и одржување на градско зеленило и измена на Програмата за зимско одржување на јавни сообраќајни површини.

На дневниот ред ќе се најде и предлог – Одлука за давање согласност на Измена на Годишен план за вработување во 2022 година на ЈП „Водовод“ – Куманово, предлог – Одлука за зголемување на основната главнина на Јавно претпријатие за изградба на инфраструктурни објекти „Куманово – гас“ Куманово, извештај за стекнати и распределени средства во 2021 година од средното техничко училиште „Наце Буѓони, како и квартален извештај за извршување на Буџетот на Општина Куманово за IV квартал од 2021 година.

Ќе се зборува и за извештај за извршување на Програмата за уредување на градежно земјиште, изградба и одржување на комунална инфраструктура на град Куманово и на Програмата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици во Општината Куманово за периодот од 1 јануари до 31 декември 2021 година, предлог – Измена и дополнување на Планот на програми за развој на Општина Куманово, предлог – Програма за изменување и дополнување на Програмата за уредување на градежно земјиште, изградба и одржување на комунална инфраструктура.

Следува и извештај за реализирани активности во 2021 година и програмата за тековната година на Секторот за меѓународна соработка и евроинтеграции, стратешко планирање, креирање политики, предлог – Одлука за распределба на средства за културни манифестации по објавен јавен повик; предлог – Одлука за именување на членови на Општински совет за социјална заштита на Општина Куманово; како и предлог – Одлука за давање на согласност за продажба на движни ствари, сопственост на Општина Куманово, по пат на електронско јавно наддавање; предлог – Одлука за изменување на Одлуката за формирање на Комисија за процена и утврдување на висината на штетата од природни непогоди и други несреќи на подрачјето на Општина Куманово;

Ќе се сподели и информација за остварени приходи по основ на даноци и такси за 2021 година; Предлог – Одлука за утврдување на висина на комуналните такси; а ќе се најдат и предлог одлуки за носење на детални урбанистички планови за улици, решенија за именување членови на управни и надзорни одбори.

Ќе се дискутира и за предлог – Одлука за давање согласност за обезбедени финансиски средства од Буџетот на Општината Куманово за 2022 година за преземање на еден административен службеник и предлог – Одлука за формирање на Комисија за односи меѓу заедниците на Советот на Општината Куманово.

Седницата која ќе започне во 10 часот, ќе може да се следи во живо на ТВ Плус.

Коментари

коментар(и)