Во „Порака Наша“ се учи кројачкиот занает

Во тек е обуката за шиење на машина наменета за лицата со интелектуална попреченост  кои го посетуваат дневниот центар „Порака Наша“ во Куманово. Кројачкиот занает го пренесува волонтерот од центарот за ромска заедница „ДРОМ“,  Демир Исмаилов кој три пати неделно ги посетува корисниците. Од стара гардероба тие изработиле  дизајнирани ташни, а во план се да започнат со креирање и шиење на фустани. Целта на работилницата  е зголемување на степенот на  интелектуални вештини,поголема самостојност  и  интеграција на лицата со посебни потреби во општеството.

-Учат да кројат и да шијат, а некои лица веќе се истакнаа дека можат самите да работат на машина. Тоа внесе нова возбуда во центарот бидејчи не сме работеле вакво нешто и сите беа задоволни кога се заврши првата серија на ташни бидејќи беше нивен дизајн, вели, Мартина Костовска, психолог во дневниот центар „Порака Наша“.

Од „Порака Наша“ планираат да направат колекција од ташни, фустани и накит, а потоа да организираат продажна изложба. Собраните парични средства ќе ги наменат за потребите  на дневниот центар.  Корисниците во рамките на дневниот центар имаат различни ангажмани кои ги вршат поделени во групи. Дел од нив се вклучени во подготовка на ручек, другите работат во градината и одгледуваат зеленчук и овошје кои секојдневно ги користат во исхраната.

-Ние секој ден готвиме, поголем дел од корисниците ја сакаат оваа активност и веќе се научени во голема мера да подготвуваат едноставни и посложени оброци. Работата во градината е сезонска ја почнуваме на пролет со подготовка на теренот. Градината е мала но ние сме исполнети и сакаме таа да биде средена, вели, Дејан Стојановски, педагог во дневниот центар „Порака Наша“.

Од дневниот центар објаснуваат дека со воведување на активностите,  лицата со посебни потреби се чуствуваат корисни. Околу дваесетина корисници редовно го посетуваат дневниот центар и  секојдневно  стекнуваат нови искуства. Во текот на нивниот престој присутен е тим од психолог, педагог, социјален работник и дефектолог.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)