Во сабота ќе се полага државна матура

На 4 јуни во сите средни училишта во државата ќе се полага задолжителниот предмет, односно македонски јазик и литература, албански и турски јазик и литература.

Во кумановското техничко училиште „Наце Буѓони“ државна матура ќе полагаат  вкупно 127 ученици со настава на македонски јазик и 204 ученици со настава на албански  јазик, информира директорката Лидија Михајловска.

– Освен државна матура се полага и завршен испит за учениците кои не мислат да продолжат на факултет,  тоа се 89 ученици на македонски наставен јазик и 57 на албански јазик, изјави Лидија Михајловска, директор на техничко училиште „Наце Буѓони“

Што се однесува до постигнатите резултати во текот на годината, директорката Михајловска смета дека оваа учебна година средношколците го дале својот максимум, а тоа се потврдува со  големиот број добиени награди и освоени први, втори и трети места на општински, регионални и државни натпревари.

– Можам да кажам дека оваа година ни беше една од најуспешните во последниве неколку години . Веќе стануваме препознатливо училиште и каде и да одиме во рамки на своите струки освојуваме секогаш едно осд првите три места, изјави Лидија Михајловска, директор на техничко училиште „Наце Буѓони “

Во гимназијата „Гоце Делчев “  државна матура ќе полагаат 245 редовни ученици и двајца вонредни матуранти.

Во земјоделското училиште „Киро Бурназ “ матура ќе полагаат 10 матуранти, а 110 ученици ќе полагаат  завршен испит.

Во средното стручно училиште „Перо Наков “ матура ќе полагаат 165 ученици на македонски наставен јазик и 130 матуранти на албански јазик, а завршен испит ќе полагаат 18 ученици на македонски наставен јазик и 32 ученици кои посетуваат настава на албански јазик.

Инаку, полагањето на државна матура продолжува на 9-ти јуни кога учениците ќе ги покажат своите знаења од областа на математиката,а  на 13 јуни ќе се полага странски јазик. Како и секоја година и оваа најмногу матуранти имаат избрано да полагаат англиски јазик . последниот дел од државна матура ќе се полага на 15 јуни. Тогаш се полагаат општообразовните предмети хемија, физика, билогија, историја, бизнис, странски јазик и математика за оние ученици кои не го одбрале како втор изборен предмет.

Испитниот материјал на денот на испитите се носи во училиштата и потоа се враќа во Државниот испитен центар. Сите испити почнуваат во 10 часот.

Државна матура годинава ќе полагаат 16.859 ученици на ниво на државата. Согласно Концепцијата за матура и за завршен испит во средното образование со четиригодишно траење во Република Македонија учениците екстерно полагаат три предмети. Задолжителен за сите е мајчиниот јазик.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)