Во смет „до гуша“ живеат со години

Дива депонија никна на улицата „Доктор Рибар“, во близина на локалитетот Серава.  Несовесни жители од околните куќи, наместо во контејнери, го фрлаат ѓубрето во дворот на поранешен ЗИК, при што покрај непријатната глетка се шири и неподнослива смрдеа. На дивата депонија реагираат дел од граѓаните,  кои своето ѓубре го оставаат онаму каде што му е местото во садовите за смет. Тие апелираа до совеста на граѓаните и институциите за чистење на ѓубрето кое се наоѓа преку улицата од нивните дворови, бидејќи стравуваат од појава на заразни болести.

-Преку ноќ поминуваат од овде и се што имаат од дома го исфрлаат. Како можам јас да си го носам моето ѓубре во контејнер, а тие не можат, навистина не е убаво така, вели анкетиран граѓанин.

-Па ова е срамота, во 21-ви век живееме во ѓубре „до гуша“ не можеме да отвориме прозорци поради што е неподносливо за живеење. Кога поминуваме се шетаме со штипка на носот, додава друг граѓанин.

Во дивата депонија може да се забележат амбалажи од прехрамбени производи, бебешки пелени, стари играчки, па дури и остатоци од телевизори. Жителите од околните куќи велат дека од ѓубрето не можат да ги пуштат децата да се играат во населбата, туку мораат постојано да внимаваат на нив за да детската игра не ги однесе во депонијата.

-Моите деца се мали и не разбираат, не можам да ги пуштам да се играат овде, може да го фаќаат ѓубрето, а после рацете да ги стават во уста и да се заразат, вели револтиран жител.

-Јас сум задоволен од работата на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“, редовно ги празнат контејнерите, ама ова овдека не знам зошто не се чисти, важно е дека ми е срам да поминам од тука и да гледам како децата се играат во населба преполна со ѓубре, изјави анкетиран граѓанин.

Од јавното претпријатие „Чистота и зеленило“, велат дека сметот се наоѓа на земјиште во приватна сопственост, така што претпријатието нема обврска и надлежност за уредување и чистење на просторот. Ова го потврди и началникот на инспекцијата, Вера Лазаревска, при што додаде дека по реакција граѓаните, испратиле инспектор кој го посетил теренот и утврдил дека станува збор за приватен имот. Таа нагласи дека на сопственикот му е доставен рок за чистење на сметот и доколку истиот не го испочитвуа, ќе следи соодветен поднесок.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)