Во средните училишта во Куманово има над 2000 слободни места

Над 2000 слободни места нудат кумановските средни училишта за учениците кои годинава ќе се запишат во прва година во едно од петте средни училишта во Куманово. Во две од нив ќе се изведува дуално образование, се наведува во конкурсот објавен од Министерството за образование и наука.

Во гимназијата „Гоце Делчев слободни места има за 340 ученици во десет паралелки, од кои една на српски наставен јазик. За упис во гимназијата потребни се 60 поени, колку што се потребни и за упис во гимназијата „Сами Фрашери” каде е планиран упис на 238 ученици во седум паралелки за настава на албански јазик.

Во државното средно стручно училиште Регионален центар за стручно образование „Киро Бурназ” има место за 397 ученици во 13 паралелки, од кои 295 во десет паралелки на македонски и 102 ученици за три паралелки на албански наставен јазик. Училиштето има склучено меморандуми за соработка со повеќе компании каде ќе се спроведува дуалното образование.

Во училиштето „Перо Наков” во прва година може да се запишат 508 ученици во 16 паралелки, од кои 288 ученици во девет паралелки со настава на македонски јазик и 220 ученици во седум паралелки со настава на албански јазик. Ова училиште нуди економско-правна струка за која се потребни 60 поени и кожарско-текстилна за која требаат 45 поени и една паралелка за графички дизајн за која се потребни 45 поени. Во ова училиште ќе се спроведува дуално образование за што се склучени меморандуми за соработка со повеќе компании.

Можност да се запишат во стручното „Наце Буѓони” имаат 646 ученици во 19 паралелки, од нив 306 ученици во девет паралелки со настава на македонски јазик и 340 ученици во 10 паралелки со настава на албански јазик. Во ова училиште има машинска, електротехничка и здравствена струка, за кои се потребни од 70 до 30 поени.

Во средното училиште „Исмет Јашари” во Липково слободни места има за 136 ученици во четири паралелки за што се потребни 55 поени.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)