Во тек се уписите во средните училишта

Над 500 пријави од идните средношколци во првите два дена од првото пријавување и запишување во јунскиот рок. Во сите училишта уписот е организиран и се спроведува согласно со насоките од Протоколот усвоен од Владата по препорака од Комисијата за заштита од заразни болести, според кој, документите се поднесуваат по азбучен ред на презимето, задолжително  носење заштитни маски, растојание од два метра и дезинфекција.

Според Конкурсот, во средното општинско училиште „Перо Наков“ во прва година можат да се запишат вкупно 340 ученици со настава на македонски наставен јазик, во две струки, економско -правна и трговска и текстилно-кожарска струка. Како што информира директорката Мила Жибак – Димковска, утрово до 11 часот поднесени се вкупно 91 пријава од кандидатите за една од струките во училиштето. Надлежните се оптимисти дека до петок ќе се исполни очекуваната бројка за првото пријавување, а секако дека ќе следува и второто и третото пријавување во јунскиот рок.

– Најголем интерес учениците пројавија од економско-правна и трговска струка за економски техничар, а за графички дизајнер убедливо има најголем интерес до овој момент. Првин, се уште не сме ги изрангирале за да видиме дали сите ги исполнуваат условите, после ќе мора да преминеме на квалификационо тестирање, доколку најголем дел од учениците ги исполнуваат условите останува да се види како до 19 часот ќе се одвива процесот на уписите денеска. Секако дека очекуваме поголем број на ученици, направивме распоред по азбучен ред на презимињата на учениците така што учениците претежно се придржуваат до овој распоред и чекаме како ќе им дојде редот така да ги поднесат документите што значи дека до петок очекуваме поголема бројка, изјави Мила Жибак –Димковска, директор на СОУ „Перо Наков“

Засега малку помал интерес има за струките во средното стручно училиште „ Киро Бурназ“, но праксата покажува дека во ова училиште слободните места најчесто се пополнуваат во последното пријавување. Директорката на училиштето Весна Трајковска информира дека денеска до 13 часот вкупно се пријавени 35 ученици, распоредени во сите струки. Во прва година во „Киро Бурназ“, според Конкурсот  можат да се запишат 374 ученици со настава на македонски јазик во 11 паралелки, во еден од четирите сектори : Земјоделство, рибарство и ветеринарство, Хемија и технологија, Лични услуги и Машинство.

Во општинското средно техничко училиште „Наце Буѓони“ денеска до 13 часот се пријавени вкупно 187 ученици, соопшти директорот Драган Јаневски.  Според Конкурсот, во прва година  можат да се запишат 340 ученици во 10 паралелки со настава на македонски јазик во три струки, машинска, електротехничка и здравствена струка.

Засега најголем број од деветоооделенците своето средно образование сакаат да го продолжат во гимназијата „Гоце Делчев“. До 13 часот денеска вкупниот број на пријавите од кандидатите достигна 210, информира помошник директорката Соња Тодоровска. Инаку, во гимназијата можат да се запишат вкупно 374 ученици во 11 паралелки  во три подрачја со комбинација А и Б, природно- математичко подрачје, општествено –хуманистичко и јазично- уметничко подрачје.

Пријавувањето продолжува и наредните два дена, а резултатите ќе бидат објавени во петок, по 15 часот.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)