Во тек се уписите за првачињата

Од година в година се намалува бројот на децата кои што треба да се запишат во прво одделение, информираат од секторот за образование. Според списокот добиен од надлежната државна институција , годинава треба да тргнат на училиште 1.560 деца што значи 133 првачиња помалку од минатата година, информира раководителот Жика Крстевски.

– Уписите се во тек,  можеби и порано од први мај започна запишувањето и веќе е тоа некаде околу 70 до 80 проценти завршена работа, меѓутоа конечните бројки ќе ги имаме откако ќе заврши запишувањето, а за жал за одредена категорија на заедници тоа трае и до септември и во тек на септември. Минатата година имавме по списоци добиени од надлежниот орган  1.693 деца,  а оваа година имаме 1.560 , тоа значи помалку дечиња во прво одделение  од 133 . Минатата година од оваа бројка запишани се 1.259 значи ги нема еден голем број на деца што констатираме речиси секоја година дека бројката се намалува, така што конечните бројки сепак ќе ги имаме кога ќе заврши запишувањето , изјави Жика Крстевски, раководител на Сектор за образование во општина Куманово

При запишувањето на учениците во најголем број случаи се почитува реонизацијата, велат надлежните, но постојат и исклучоци поради што учениците кои што живеат подалеку од два километра од училиштето го губат правото на бесплатен училишен превоз.

-Дел од родителите не го почитуваат тоа право да ги запишуваат во најблиското училиште  од одредени свои причини . Тие што не го почитуваат тоа го губат правото на бесплатен превоз , на сите на кои законски им следува и ако се подалеку од два километра од местото на живеење, се трудиме и родителите се трудат да ги запишат во најблиското училиште , меѓутоа има и отстапувања кои не вршат некоја голема промена или да прави проблеми во одредени училипшта , меѓутоа во неколку училишта имаме критична бројка каде што децата од година в година се намалува за среќа од најновите податоци гледаме дека во тие училишта бројката и се зголемува така што очекуваме дека ќе ги исполниме сите оние паралелки кои што се планирани со програмата во училиштата, изјави Крстевски.

Реонизацијата се почитува и кога станува збор за учениците од ромската етничка заедница, а со оглед на тоа што голем број од нив живеат во Средорек , последните дваесетина години децата од тој дел на градот се запишуваат во „11 Октомври“ , „Крсте Мисирков“  и „Браќа Миладиновци“ . И покрај сите напори од надлежниот сектор во што поголем број да ги вклучат децата од оваа етничка заедница во воспитно – образовниот процес , сепак податоците покажуваат  дека има голем одлив на учениците во текот на образованието, односно голем број од децата кои што тргнале на училиште се откажуваат од образованието и не го завршуваат задолжителното основно образование.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)