Вредни донации од мото клуб Мечки

Интерното одделение во кумановската болница доби нов ехо апарат,  операционата сала нови професионални светла, а домот за стари лица педесетина електрични кревети, донација од мото клуб Мечки, информираа денеска надлежните. Ехо апаратот во јавната здравствена установа веќе е во употреба, посочува директорката Снежана Захариева.

-Сега добивме нешто што исклучително е потребно во овој момент, а тоа е ехо апарат за ехо дијагностика на абдоменални и други органи. Во употреба е, веќе е пуштен во функција и истиот во моментот е на одделот за интензивна нега, на интерното одделение. Добивме и светла за операциона сала, кои што ќе бидат ставени во сала број 5 која што обично се користи за локални хируршки интервенции, таму во моментот имаме најслабо светло. Истите во моментот чекаат да бидат инсталирани и не само што се употребливи туку се и мошне добри и многу ќе ни користат. Уште еднаш благодарност и за соработката со директорот на домот за стари лица бидејќи ова беше една заедничка акција, мото клуб Мечки, болницата и домот, изјави Снежана Захариева , директор на Општа болница Куманово

Захариева вели дека нивната соработка е доказ дека со заеднички сили може многу да се направи, надевајќи се дека и во иднина болницата ќе биде дел од хуманитарните активности на Мото клуб Мечки. Последната донација од клубот за болницата била во 2014-та година која се состоела од  апарат за анестезија, болнички кревети, количка за пацинети со отежнато движење.

Голем дел од донираните електрични кревети во домот за стари лица Зафир Сајто исто така се ставени во употреба, информира директорот Дејан Стојановски.

-Ние веќе половина од тие кревети што ги добивме , се работи за 47 електрични кревети, веќе ги ставивме во употреба. Со сопствени средства многу е тешко или скоро невозможно да ги набавиме. Сакам да нагласам дека ова не е единствена  донација, туку мото клуб Мечки исто така во 2014-та година има донирано во домот за стари лица и апелирам сите здруженија од Куманово и регионот да го следат овој пример на нашите сограѓани од клубот Мечки , изјави Дејан Стојановски, директор на Дом за стари лица „Зафир Сајто“

Мото клуб Мечки донациите ги обезбедува како член на европското здружение на моторџии, организацијата Евробајкер со седиште во Бремен Германија,  која што е потпомогната од здружение на камионџии.

– Преку нив реализиравме една донација за кумановската болница, за дневен  центар за лица со посебни потреби и домот за стари лица во 2014-та година. После тоа имаме реализирано донации за душевната болница во Демир Хисар, градската болница и костозглобната болница во Охрид и еден камион школска опрема за училиштето „Бајрам Шабани“ во Куманово во 2017-та година. Сега ова е трета соработка со нив. Станува збор за годишна акција каде што се движат од 15 до 25 шлепери претежно болничка опрема. Организацијата се наоѓа во Бремен во северна Германија, тие имаат соработка со 1400 болници на ниво на Германија и од тука се набавува оваа опрема. Од сега стартува собирањето, има голем магацин во Германија , каде што од сега ние се залагаме да набавиме се што е потребно за тој дел на болницата, изјави Јовица Гиновски, мото клуб Мечки.

Според редовната програма на органзиацијата Евробајкер следната  донација ќе се случи од 19 -29 мај наредната година во Велико Трново, Бугарија , и во Ниш и Бачка паланка , Србија.

Коментари

коментар(и)