Второ пријавување во средните училишта

Во средните училишта во градот денеска се спроведе второто пријавување од јунскиот уписен рок за запишување ученици во прва година во учебната 2016-2017 година. Првото пријавување за гимназиско, стручно и уметничко образование и спортските академии се одржа на 28-ми и 29-ти јуни, а резултатите од запишувањето и слободните места беа објавени по само два дена. Во техничкото училиште Наце Буѓони голем број ученици денеска ги доставуваа потребните документи за упис. Од таму истакнаа дека интересот е навистина голем, што покажува и бројката од 222 пријавени ученици во првиот уписен рок.

– За образовниот профил техничар за компјутерско управување пријавени се 29 од кои условот го исполнија 17 и ни останаа толку слободни места. За машинско енергетски техничар пријавени се 15 од кои 2 го задоволија успехот останаа уште 32 слободни места.  Што се однесува до електротехничката струка од 33 пријавени 19 го задоволија условот останаа 49 слободни места. Што се однесува до образовниот профил за електротехничар компјутерска техника и автоматика од 70 пријавени, 37 го задоволија критериумот остана 31 слободно место-истакна Наташа Илиевска професорка по македонски јазик и претседател на уписна комисија во Наце Буѓони.

Од Наце Буѓони нагласија дека во првото пријавување најголем интерес имало за медицинската струка, при што од 75 заинтересирани, условот го задоволиле 19 ученици, со што има 49 слободни места. Во гимназијата Гоце Делчев во првиот уписен рок се пријавиле 253 ученици од кои 231 ги задоволиле потребните критериуми. За второто пријавување, но и третото кое ќе се одржи на 24-ти август, остануваат 143 слободни места, од кои 109 на македонски и 34 на српски јазик.

-Денеска со второто пријавување од првиот уписен рок имаме 4 ученици кои ги донесоа документите така што се надеваме дека во вториот уписен рок ќе имаме исто така ученици кои во меѓувреме се предомислиле или пак не успеале да се запишат во некои од средните училишта-нагласи Кети Домазетовиќ од гимназијата Гоце Делчев.

И во економското училиште Перо Наков и земјоделското Киро Бурназ денеска се спроведуваше второто пријавување од јунскиот уписен рок. Од економското училиште истакнаа дека кај нив најмногу ученици се заинтересирани за економско правната и трговска струка. Додадоа дека кај нив има повеќе слободни места.  Во првото пријавување, многу ученици биле одбиени, бидејќи не ги исполниле условите.  Резултатите од запишување и слободните места по второто пријавување ќе бидат објавени во среда на 6-ти јули.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)