Гимназијалците освоија три награди на ДАФ

Ученици од Гимназијата „Гоце Делчев“ освоија три награди на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани. Шеснаесет ученици од училишната драмска секција, под менторство на професорката Соња Тодоровска, за прв пат учествуваа на педесет и првото издание на фестивалот, на кој освоија награда за најдобро сценарио, режија и главна женска улога.

Претставата е мјузикл и обработува дејствие кое се случува зад кулисите при подготвување на една претстава и, како што вели режисерот Давид Јовановиќ, сите ликови имаат свое минато кое влијае врз нивното однесување и нивниот карактер, а тоа го прави заплетот во целото драмско дејствие. Јовановиќ вели дека ова му е прва награда која за него има големо значење, затоа што планира да го продолжи своето образование на некоја од драмските академии. Тој додава дека за успешноста на претставата најголем придонес дале енрузијазмот и желбата за успех на целата актерска екипа.

– Имавме одлична соработка, затоа што бевме голема група од 16-17 члена и секогаш имаше некои проблеми и препреки кои ги надминувавме, затоа што остваривме енергија, не работна, туку другарска, раскажува Давид Јовановиќ, режисер и сценарист на претставата.

Наградата за најдобра женска улога и припадна на Сара Илиќ, која прв пат игра на фестивалската сцена во Кочани и истакна дека посебно задоволство и претставува тоа што токму со оваа претстава беше отворен Драмскиот аматерски фестивал.

-Оваа награда за мене претставува голема чест, како и за мене, така и за моите родители кои ги направив горди, вели Сара Илиќ.

Менторот на драмската секција, професорката Соња Тодоровска, изјави дека по 6 месеци напорна работа, решиле за прв пат да пријават учество на фестивалот. Таа додава дека од вкупно 38 претстави кои биле испратени, само 10 биле изберени, меѓу кои и наградената „Недоразбирање во Д-мол“, со која на 25 мај беше отворен Драмскиот аматерски фестивал.

-Ние во гимназијата со години на назад правиме успешни театарски претстави со кои се запознаени граѓаните и доаѓаат да ги гледаат, а оваа година решивме да учествуваме затоа што го запазивме рокот на подготовките на претставата. Требаше да се испрати ЦД најкасно до 30ти април, ние тоа го направивме и така влеговме во конкуренција за претставата, изјави Соња Тодоровска, ментор на литературни клубови и драмски секции при СОУ Гимназија „Годе Делчев“

Тодоровска вели дека е задоволна од постигнатите резултати и најави учество на претставата на повеќе фестивали во и надвор од државата.

Коментари

коментар(и)