Гимназијалците се запознаа како да препознаат трговија со луѓе

Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена порта“ денеска одра презентација во кумановската гимназија „Гоце Делчев“ во рамките на едномесечната кампања која има за цел да ја подигне свеста во однос на трговијата со луѓе.

Учениците покрај тоа што добија информативни материјали, се запознаа и со начинот на одвивање на трговијата со бело робје, но и како да препознаат вакви случаи и истите анонимно да ги пријават.

На работилницата научивме дека многу од децата на наша возраст не се свесни дека стануваат дел од трговијата со луѓе, дека уште на нашите години лета паметот и оваа организација на учи на грешките кои можеме да ги направиме и да станеме дел од трговија со луѓе. Во досегашното работење на таа организација имало околу 100 и нешто случаи што е многу за нашата држава, дека веќе не се само женските дел од оваа трговија, дека започнува и трговија со мажи за работа – изјави Матеј Крстевски, ученик во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“.

Според средношколката Милица Кузмановска, во образовната програма нема многу простор за едукација како младите да се заштитат од трговијата со бело робје, а дел од нив и не знаеле во колкав размер истата е застапена во Македонија, па затоа ваквите работилници ги оценува како позитивни и добредојдени за средношколците.

Мене посебен впечаток ми остави како сега се повеќе е застапена трговијата со луѓе во сите држави, со секакви видови и дека тука кај нас исто во Македонија, но не се обрнува доволно внимание да се посветат тој проблем да се реши. Доколку забележиме дека станува збор за некаков вид на трговија со луѓе, тука го има бројот и можеме да ги контактираме, тоа е се анонимно, да пријавиме доколку сме забележале некој проблем за да полесно се откријат злосторниците и да се намали стапката на трговија со луѓе – изјави Кузмановска.

Во Македонија минатата година шест лица беа идентификувани како жртви на трговија со луѓе, додека во соседните држави се идентификувани 100 до 150 лица, покажуваат последните истражувања, според кои бројката на лица со кои се тргува е многу поголема од официјалната.

Најголемиот број од жртвите на трговијата со луѓе се жени и девојчиња. Сите жртви од минатата година се од женски пол, од кои три се малолетнички и три се возрасни лица. Петмина од жртвите се со македонско државјанство и само еден е со странско државјанство. Петмина од нив биле сексуално злоставувани и една била присилена на брак.

Кампањата на организацијата „Отворена порта“ се спроведува со каравани низ средните училишта во неколку градови како Тетово, Гостивар, Охрид, Струга, Куманово, Штип, Гевгелија и во Скопје.

Дополнително различни превентивни активности ќе се спроведуваат на фреквентни локации и ќе се дистрибуираат превентивни материјали.

Организаторите апелираат сите кои се соочиле со трговијата со луѓе да се јават на телефонскиот број 0800 11 11 1.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)