Околу 50 ученици од трета и четврта година од кумановската гимназија „Гоце Делчев“ учествуваа во едукативна активност „Имам став“ и го посетија Собранието на државата. Посетата се реализираше на иницијатива на м-р Анита Зафировска, наставник по историја. Учениците имаа можност да се запознаат со улогата на законодавниот дом, да постават прашање на пратеници, да застанат на говорницата.
–Во септември 2022 година имаше една обука за наставници преку Парламентарниот институт, јас бев дел од таа обука, тука се остварија нашите контакти и соработка. На 23 декември лани, околу 50 ученици беа во посета на законодавниот дом. Сега повторно на моја иницијатива можевме да видиме како учениците ќе се снаоѓаат во улога на пратеници, за прв пат во ваква активност учествува нашето училиште, ние не го претставуваме само училиштето туку и општината-истакна одговорната професорка, Зафировска, која нагласи дека соработувала со колешките, Славица Насковска и Сара Каревска.
Во рамки на активноста учениците одбрале три теми на кои работеле и формирале став, кој го бранат со аргументи и докази, спроведени анкети. Работеле на темите Иселување на младите, Реформи во образование, Прекумерна употреба на интернет и социјалните медиуми од страна на младите.
–Учествував во проектот „Имам став” со цел да ја посетам оваа државна институција и да се почувствувам како пратеник во текот на дебатирањето. Добивме пофалби од пратениците во Собранието и очекуваме влез во големото финале-истакна ученикот Глигор Алексовски.