Гимназијата- домаќин на регионален натпревар по француски јазик

Триесетина ученици од основно и средно гимназиско образование од североисточниот регион денеска учествуваа на регионален натпревар по француски јазик одржан во гимназијата „Гоце Делчев“. Натпреварувачите од Куманово, Крива Паланка, Кратово и Свети Николе имаа можност преку писмен и устен дел да ги покажат своите знаења од областа на овој втор странски јазик во образованието кој се изучува по избор на учениците.

-На денешниот натпревар се натпреваруваат ученици од три категории, билингвална паралелка која што е единствена во нашиот регион, и учествуваат десет ученика од оваа паралелка од кои што четворица ќе се пласираат на државниот натпревар, понатаму од основни училишта учествуваат 14 ученика од вкупно пет училишта и од класичните паралелки –осум ученика, изјави Кети Димковска, советник за настава по француски јазик на РМ

На натпреварот учествуваше и општинското  основно училиште„ Јоаким Крчовски “ од Крива Паланка со четворица ученици.

-Учениците на овој натпревар ги покажуваат своите знаења по француски јазик од целокупниот материјал од шесто до деветто одделение и имаат повеќе делови. Имаме писмен и устен дел, писмениот дел се состои од четири дела, усно разбирање, писмено разбирање, граматички тест и писмено изразување. По завршувањето на писмениот дел имаме резултати и најдобрите уечници одат на усно изразување. Најдобрите шест во секоја категорија одат на државниот натпревар кој ќе се одржи на 28 април на Филолошкиот факултет Блаже Конески во Скопје,изјави  Елена Николовска, професор по француски јазик

Дека за францускиот јазик се уште има одличен интерес кај  учениците сведочи и фактот што за училишниот натпревар биле пријавени дваесетина ученици, потенцира Николовска, која е меѓу петте најактивни професори по француски јазик на ниво на државата  и амбасадор по француски јазик во РМ.

-Пред да учествуваме на регионалниот натпревар во нашето училиште одржавме училишен натпреавр така што интересот беше огромен, од деветто одделение од нашето училиште учествуваа дури 20 ученика на училишен натпревар и за жал само четворица можат да продолжат понатаму, изјави Елена Николовска, професор по француски јазик

Во категоријата средно-билингвални паралелки прво место освои Сара Тодоровска, второ Сара Цветковска, на третото место е Сара Вујадиновиќ и на четврто – Бојана Илиевска под менторство на професорката Милена Денчевска во гимназијата Гоце Делчев.

Во категоријата средно класични паралелки најмногу поени освои Мелита Павловска , потоа Ивона Давидовска и трето место освои Јован Младеновски од средното општинско училиште Ѓорче Петров од Крива Паланка под менторство на професорката Сашка Младеновска.

И во категоријата основно – прво место освои Марија Стефановска, второ Неда Величковска, на трето место е Ангела Ангеловска и на четврто место е Ивана Димитриевска , сите од осноново училиште Јоаким Крчовски од Крива Паланка, под менторство на професорката Елена Николовска.

Инаку, учениците од средно класичните и билингвалните паралелки кои што ќе победат на државниот натпревар во Скопје ќе одат на Меѓународни Олимпијади  кои  годинава ќе се одржат во Македонија,  а деветоодделенците победници на на државниот натпревар ќе одат на Меѓународен франкофонски камп во некоја франкофонска земја, посочува Николовска.

Коментари

коментар(и)