Кумановската Гимназијата одбележа седумдесет години од своето постоење и сто дванаесет години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Пред бистата во училишниот двор цвеќе положија членови на различни политичките партии, претставници на Советот и Општината на Куманово, претставници на основни и средни училишта од градот и многубројни здруженија. Потоа во холот на училиштето присутните ја проследија ликовната изложба на слики и фотографии изработени од ученици кои за матурскиот испит избрале проектна активност по предметот ликовна уметност. Прославата на патрониот празник се заокружи со пригодна приредба во спортската сала на училиштето.
-Има излегувано, излегуваат и се надевам дека ќе излегуваат во наредните години успешни кадри кои ќе го презентираат нашето училиште во градот, земјата и надвор од неа. Со овие модерни текови се надеваме дека ќе извршиме модернизација на училиштето пред се во однос на наставата, а во зависност од средствата се надеваме дека ќе успееме да се избориме да го осовремениме нашето училиште, а со тоа да произведуваме уште поквалитетни кадри – Горан Димитријевиќ, директор на Гимназијата „Гоце Делчев“.
На свеченоста беа присутни и професорите во пензија кои дојдоа заедно со своите поранешни колеги да го одбележат патрониот празник на училиштето.
– Јас бев триесет и осум години професор по руски и руска книжевност, а веќе девет години сум во пензија. Да се работи со ученици, со деца е нешто најубаво поготово за вакви празници, кога ќе дојдеа празниците секогаш имаше многу подготовки. Овој патронен празник е моја припадност бидејќи нашата гимназија го носи името Гоце Делчев, а тоа значи голем револуционер и водител на нашиот народ. Јас со гордост работев тука и со гордост патрониот парзник го прославувам – објаснува Мира Насковска, професор по руски јазик во пензија.
Гимназијата брои вкупно илјада сто тринаест ученици распоредени во четириесет и една паралелка и важи за едно од најреспектабилните средни училишта.