Годинава зимницата поскапа од лани

Годинава зимницата ќе биде поскапа од лани. Причина за тоа се неповолните временски услови кои влијаеа на родот и квалитетот на ,,ајварката” и останатите пиперки од кои се прави ајварот. Ако лани на големо овие пиперки се продаваа од 20 до 25 денари килограм, сега  чинат 30 или 35 денари. Пазарџиите велат дека и потрошувачката е намалена во споредба со минатите години. Дел од нив пак,  сметаат дека можеби сеуште е рано и допрва треба да се зголеми побарувачката на земјоделските производи за зимница.

-Ајварката е 30 денари килограм за два денари е поскапа од лани  ама тоа е затоа што беше голема суша, производството е намалено и затоа е се поскапо. Зелената пиперка е 30 денари килограм како лани, а „бананата“ пиперката е  најбарана за зимница, вели трговец .

-Ајварката е 25 до 30 , везенката е  50 до  60 денари, доматите се 40 денари иста е цената како лани и го земаат највеќе за пинџур. Карфиол е 70 денари,а краставичките се 40 денари. Продажбата  лани беше подобра од  оваа година, секоја година се намалува , објаснува трговец.

Дел од граѓаните веќе направиле зимница, а другите допрва ќе ја прават, но повеќето од нив се согласни дека земјоделските производи годинава се поскапи од лани. Некои не прават зимница, други пак ја прават во помали или поголеми количини, во зависност од длабичината на џебот. Кумановци велат дека планираат да прават низалки со пиперки, туршија, ајвар, лутеница, малџано, пинџур и останато, за да се  подготват  за зимскиот период.

-Ќе правиме зимница но во помали количини бидејќи е поскапо. Ќе правам ајвар, лутеница, барена и жива туршија и руска салата. Помладите повеќе купуваат , а постарите прават, младите чекаат од постарите што ќе направат, вели анкетиран купувач.

Во супермаркетите има достапна зимница во текот на целата година, но постарите велат дека истата никогаш нема да ја замени домашната подготовка на зимница, без разлика на тоа дали станува збор за ајвар или туршија. Додека повозрасните планираат да ја задржат традицијата и да подготвуваат  македонски специјалитети, поголем број од младите велат дека немаат време и  услови и полесно им е да купат во маркетите.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)