Голем интерес за детската претстава „Трнорушка“

Поради големиот интерес на граѓаните, викендов кумановскиот театар три пати ја прикажа детската претстава „Трнорушка“. Во петок и сабота во театарот беше изведена премиерата и првата реприза на претставата.

Кумановскиот театар почна да ја подготвува претстава кон крајот на јануари и требаше да излезе во почетокот на месец март, но заради пандемијата се одложи.

Во детската претстава „Трнорушка“, која ја режира Бојана Краљевска играат Владанка Димковска, Сања Русеска, Марко Трајковиќ, Нина Максимова, Жарко Јовановиќ и Давид Илиќ. Улогата на Трнорушка ја одигра Димковска, а Самовила беше Русеска.

-Пред се, многу сум благодарна на публиката во Куманово бидејќи и покрај ситуацијата со корона кризата тие одлучија да дојдат во Театар Куманово и ги испочитуваа сите мерки и протоколи. И првата и втората и третата изведба поминаа во прекрасно светло, се беше супер, навистина му пркосиме на периодот во кој што живееме моментално и продолжуваме да твориме и тоа за мене е голем успех.  Костимограф на претставата е актерката Нина Максимова која што ја толкува улогата на Лошка, а изработката на костимите е на шивачот Дарко, кој што е вработен во Театар Куманово, изјави Владанка Димковска, актер

– Многу ми се допаѓа што децата реагираат, има интеракција со нив во претставата и многу се радувам кога и тие се активни внатре во претставата и кога реагираат соодветно како тече претставата. Кога се подготвуваат претставите за деца се повозбудливи, исполнети со забава, игра, смеа, многу повесели се за разлика од драмските претстави. Во детските претстави се препуштаме на играта и го наоѓаме детето во нас, а и ние на самата претстава се забавуваме. Овојпат ја играм Самовилата. Мотивот е дека љубовта, доброто секогаш победува, изјави Сања Русеска, актер во Театар Куманово

Во салата за време на претставата беа запазени сите протоколи препорачани од Комисијата за заразни болести за организирање на настани во затворен простор. Согласно протоколите претставата можат да ја следат само 48 лица во затворен простор.

Секој посетител носеше заштитна маска и се одржуваше потребното физичко растојание помеѓу публиката.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)