Голем интерес за електронскиот сајт на библиотеката

Повеќе од 5.000 книги минатата година набави градската библиотека „Тане Георгиевски“, што e едно од најголемите збогатувања на книжниот фонд, во последните неколку години. Како што информираше директорката на библиотеката, Нада Ивановска 3.700 книги се купени, а другите се добиени од донатори, издавачи, Министерството за култура и Министерството за образование. Од набавените околу 920 лектири, но и стручна литература  се на албански јазик.

-Главно нашиот акцент последниве години е ставен на дигитализација на библиотеката. Па сите книги што се набавени електронски се обработени, за да можат сите корисници од кое било место да имаат пристап до фондот на библиотеката-наведе таа.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Станковски истакна дека библиотеката е една од општинските институции која покажува солиден и нагорен тренд во работењето.

-Мислам дека библиотеката со години во континуитет покажува солидно работење, таа предначи во електронската обработка на книжниот фонд, кој е значителен има околу 200.000 наслови, тука се не само лектирни изданија и белетристика, туку и стручни книги кои ги користат студентите и експерти од разни области. И самиот факт што сајтот на библиотеката е посетен 50.000 пати зборува дека библиотеката има книжен фонд кој предизвикува интерес-додаде тој.

Библиотеката „Тане Георгиевски“ минатата година одржа седум промоции, активности и манифестации, како натпревари, „Месец на книгата“, одбележување на Светскиот ден на книгата и други настани кои што придонесуваат за зголемување на бројот на читатели.

Коментари

коментар(и)