Голем интерес за образовен и детски додаток

Со новиот закон за социјална заштита обезбеден е полесен пристап до правата на корисниците, сериозно е зголемен износот на паричниот надомест за семејствата кои што се наоѓаат во социјален ризик и го добиваат од страна на државата, а социјалната парична помош сега, за разлика од порано се нарекува загарантиран минимален приход, информира директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, Александра Арсовска.

-Како компарација би сакала да истакнам дека согласно стариот закон ако направиме една анализа, најголемиот број на корисници беа со 50 проценти од вкупниот износ на користење на правото кое што го има остварено како резултат на долгорочното користење на правото на социјална парична помош. Новиот закон предвидува веднаш на самите корисници со преведување во правото на загарантиран минимален приход им е укинато 50 процентното користење на правото, а износите како компарација, ако едно лице самец со стариот закон на 50 проценти земаше околу 1.400 денари месечно, сега самец зема 4.000 денари на месечно ниво плус додаток за енергенси од октомври до март од 1.000 денари месечно. Како компарација да кажеме се сметаат коефициенти во зависност од бројот на членовите на семејството, зборуваме за возрасни лица кои што се  работоспособни меѓутоа се невработени, семејството нема приходи на месечно ниво по ниту еден друг основ, коефициентите се сметаат врз основа на тоа дали се само возрасни членови на семејството, дали има малолетни деца, на која возраст се децата, изјави александра Арсовска, директор на Меѓуопштински центар за социјални работи Куманово  

Освен гарантираниот минимален приход, со новиот закон за социјална заштита се воведуваат и нови права кои што дополнително го зголемуваат семејниот буџет, а се во функција на намалување на сиромаштијата на ниво на државата. Станува збор за детскиот и образовниот додаток, посочува Арсовска, додавајќи дека образовниот додаток е предвиден и за основците и за средношколците , за разлика од порано кога со стариот закон биле опфатени само средношколците.

-Сега би сакала да кажам дека износите се сериозно зголемени, освен загарантираниот минимален приход би сакала да кажам дека детскиот додаток изнесува на некој начин во вкупен износ од 1.600 денари без разлика на бројот на децата со тоа што има градација, дали детето е во основно училиште , не посетува училиште или е во средно. Образовниот додаток изнесува исто така 700 денари на месечно ниво за децата во основно образование, а за средно образование 1.000 денари месечно со тоа што образовниот додаток се исплаќа на квартално ниво.

Во однос на правото на детски и образовен додаток постои предуслов за нивното користење, вели Арсовска, односно постои  праг на вкупните месечни примања во семејството,  9.000 денари за двочлено семејство, 11.400 денари за трочлено, 13.800 денари за четиричлено,  15.000 денари за петчлено семејство.  

Вкупната бројка на корисници на минимален гарантиран приход е 4.380 со последната исплата. Арсовска потенцира дека до донесувањето на новиот закон имало 622 корисници на образовен додаток, а во јунската исплата бројката достигнала 1.497. Речиси стопроцентно зголемување има и на  поднесените барања за детски додаток, информираат надлежните.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)