Голем интерес за обуките на АВРМ

Уште два нови јавни повика објави денеска Агенцијата за вработување. Овојпат станува збор за Обука за побарувани занимања за која што повикот ќе биде отворен до  20 март годинава и повик за Вработување и раст на правни субјекти . Освен за овие програми, отворени повици има и за Обука за занаети, Обука за познат работодавач, Обука за стручни квалификации според барања на работодавачите и Јавни работи. Доколку има заинтересирани за огласот за занаети ќе може да аплицираат најдоцна до 15-ти март, информираат надлежните.

-Доста голем интерес постои и за мерката Обука за занаети. Објавен е јавен повик до заинтересираните работодавачи занаетчии како и до невработените лица кои што сакаат да се стекнат со практични искуства од следниве занаети, бравари, пекари, слаткари и автомеханичари. Преку оваа мерка невработените лица во период до шест месеци преку овластени спроведувачи на обука ќе можат да се стекнат со соодветни практични знаења и искуства и ќе добијат надоместок во висина од 9.000 денари бруто износ, изјави Марија Димитријевска, директор на Центар за вработување Куманово

Преку мерката Обука за познат работодавач им се нуди на работодавачите да ги задоволат своите потреби од стручен кадар. 

-Преку оваа мерка Обука кај познат работодавач на работодавачите им се нуди можност да се стекнат со потребниот стручен кадар каде што невработените лица во реални услови кај конкретни работодавачи ќе можат да го совладаат соодветниот процес на работење. Исто така невработените лица преку оваа мерка добиваат паричен надоместок на месечно ниво во висина од 9.000 денари бруто износ. Во тек е и јавниот повик за Обука за стручни квалификации според барања на работодавачите. Оваа обука ќе ја спроведуваат овластени провајдери во период од два до четири месеци, а невработените лица за време на обуката добиваат паричен надоместок во бруто износ од 9.000 денари, изјави Димитријевска.

Надлежните информираат дека во тек е и јавниот повик до единиците на локална самоуправа и град Скопје за мерката Јавни работи.  Со оваа мерка се планира да бидат вклучени невработени лица со ниски квалификации во проекти од инфраструктурата и заштита на животната средина на локално ниво. Огласот за единиците на локална самоуправа и град Скопје трае до 31 март, а општините треба да достават програма согласно која ќе бидат спроведени  јавните работи, посочуваат од Центарот за вработување во Куманово.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)