„Гоце Делчев“ домаќин на ученици од Франција

Група од двесет и еден  ученик  и четворица  професори од средното гимназиско училиште Вал Д `Оти од Дулен  од Франција се во седумдневна посета на кумановската гимназија „Гоце Делчев“. Освен што ќе разменат искуства, ќе се запознаат со културата, фолклорот и традицијата на народите од двете држави, учениците ќе откријат и нови начини за заедничка европска иднина. Соработката меѓу двете училишта трае веќе пет години. Во Куманово тие пристигнале изминатата ноќ, а вчера беа организирани и работилници во „Гоце Делчев“. До 16 април гостите ќе имаат можност да ги посетат позначајните културно – историски знаменитости во државата. Сите активности се во рамките на проектот„ Традиционална песна и музика во Македонија“.

– Заминуваме во Охрид каде остануваме два дена за да се запознаат подобро со нашата култура, традиција, со посета на Свети Наум, Струга, охридските знаменитости. Исто така во Битола утре нашите гости ќе положат венец на француските гробишта по повод 100 години од крајот на Првата светска војна. Имено, Дулен е познат по тоа што во нивната зграда на општината е потпишан договорот меѓу сојузниците за борба против германците, а Европа го слави крајот на таа голема војна. Главната цел е зближување на младите, доближување на нивните реалности, сегашности и нормално планирање на заедничка иднина во која тие ќе се препознаат по своите сличности, изјави Штефица Ујчиќ, координатор на проектот

Гимназијата “Гоце Делчев”, од 2000 –та година има франкофонска билингвална паралелка што значи дека одредени предмети се изучуваат на француски јазик,а Францускиот Институт и Амбасадата на Франција во РМ  ја поддржуваат оваа размена на ученици која што освен туристичка размена овозможува и соработка преку проекти.

-Основна цел на овој проект е да им дозволиме на учениците да откријат други земји, да го откријат општеството, како изгледа социјалната поставеност на општеството, здравствениот систем и сите други односи што се воспоставуваат во дадено општество, меѓутоа во исто време учениците да откријат и нови начини за заедничка европска иднина. Веќе пет години соработуваме на различни теми, оваа година тоа е тема од фолклорот на двете држави. Соработувавме порано на теми од здравствените системи итн, изјави Изабел ле Февра , Гимназија  Дулен, Франција

Во Училиштето “Вал Д`Оти” настава посетуваат приближно ист број на ученици со кумановската гимназија , околу  1000.

Следната активност во рамките на меѓународната соработка меѓу двете училишта ќе биде возвратна посета на кумановските ученици на гимназијата во Дулен.

Коментари

коментар(и)