Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски годинава е учесник и панелист на дванаесеттиот Економски Форум кој се одржува во Астана – Република Казахстан. Економскиот Форум во Астана е една од највлијателните интернационални платформи за дискусија за подигнување и развој на глобалната економија и финансискиот систем.
Под слоганот “Инспиративен раст: луѓе, градови и економии”, оваа година на форумот учествуваа политичари и бизнисмени од целиот свет.
Во рамки на посетата, градоначалникот Димитриевски оствари повеќе средби со претставници од бизнис заедницата, здружението на стопанските комори, како и амбасадорот на Македонија во Казахтан, Муарем Неџити.
Беше направена презентација за Општина Куманово и новата развојна индустриска зона “Новини и Речица”, која беше презентирана и понудена за инвестиции на потенцијални инвеститори од оваа држава, кои покажаа голем интерес и најавија скорешна посета на нашиот град.
Општина Куманово заедно со Владата следниот месец почнува со инвестиции во инфраструктура во новата индустриска зона “Новини и Речица”. Индустриската зона е лоцирана на коридорот 8, автопатот E75 „Пријателство“, на 5км до границата со Србија.
Оваа зона со својот капацитет од над 50 инвестиции со различна големина на парцели,урбанистички уредени за лесна и незагадувачка индустрија, трговски единици и сместувачки капацитети,поради својата атрактивна локација е предмет на интерес на голем број како домашни така и странски компании.