Градскиот Кеј во полутемнина

Граѓаните на Куманово шетаат по уреден Кеј, но имаат поплаки на осветлувањето. За разлика од порано кога слободно се движеле по пешачката патека  и одморале на клупите, сега повозрасните кумановци се плашат дека можат да станат мета на крадци или на хулигани. Овој проблем беше истакнат на последната седница од советничката Снежана Захариева. Таа побара одговор од градоначалникот Зоран Дамјановски дали и како може да се надмине оваа состојба бидејќи и помладите , но и повозрасните граѓани токму градскиот Кеј го користат за одмор и рекреација . Захариева потенцира дека проблемот настанал во скоро време, бидејќи претходно , како што вели, кејот беше солидно осветлен.

-Беше евидентно дека нешто се случува со осветлувањето бидејќи буквално секоја трета светилка функционираше и луѓето беа принудени да користат мобилни телефони или батeриски ламби за да не газат по зелените тревни површини. Одговорот од градоначалникот беше дека има проблеми со тендерите за набавка на светилки кои што се потрошен материјал и мора да се менуваат, меѓутоа се доцни, изјави Снежана Захариева, советничка од СДСМ

Иако градоначалникот вели дека тендерите се враќаат и по неколку пати  заради што не можат да се преземат активности на терен, Захариева смета дека Комисијата која одлучува за оваа работа треба да земе предвид дека без соодветно осветлување на кејот , се нарушува безбедноста на граѓаните кои излегле од дома да се прошетаат, а можат да завршат со некоја повреда на телото.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)